Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По повод 25-годишнината од почетокот на археолошките истражувања на локалитетот „Големо Градиште“ кај с. Коњух, кратовско отворена е изложба на која е претставен локалитетот и добиените сознанија преку овој долгогодишен истражувачки проект.
Изложбата е дел од активностите за популаризација на овој исклучителен локалитет, и има за цел да го претстави културното наследство во неговата околина, на сите случајни и намерни посетители, во текот на целата година.
„Локалитетот „Големо Градиште“ се истражува во континуитет 25 години, во рамките на долгорочен меѓународен проект помеѓу Археолошкиот музеј на Северна Македонија и Колеџот Гетисбург, од Пенсилванија, САД. Истражувањата континуирано откриваат остатоци од непознат Доцноримски град, кој бил најголемиот урбан, економски, политички и религиозен центар во регионот, со неспоредлива црковна архитектура и скулптура. Новите откритија и сознанија се презентираат на домашни и меѓународни конференции и се објавени во бројни публикации во земјата и странство, со што локалитетот е добро познат во стручната јавност, особено онаа посветена на истражувањата на доцната антика на Балканот“, вели авторот на изложбата, Горан Санев, кустос советник, НУ Археолошки Музеј - Скопје
Изложбата е отворена во ОУ Кочо Рацин во с. Коњух, а проект е на Археолошкиот музеј од Скопје, финансиран од организацијата Балканска музејска мрежа, од Сараево, БиХ. Цел на проектот е, преку промоцијата на уникатниот археолошки локалитет „Големо Градиште“ – Коњух, да се поттикне развојот на културниот туризам во општина Кратово и да влијае позитивно врз јавната свест за значењето на културното наследство и неговата заштита од уништување.
„Таквиот потенцијал на локалитетот беше препознаен и од месното население, и од локалната самоуправа во општина Кратово, која, во 2017 година, отстапи дел од основното училиште Гоце Делчев, во село Коњух, за потребите на истражувачкиот проект на „Големо Градиште“. Набргу потоа, со активно учество на жителите од село Коњух, постепено се правеше санација на запуштената состојба на училиштето. Со уредувањето на просторот се роди и идејата за адаптација на дел од истиот во своевидна изложбена поставка, преку која посетителите би можеле да добијат информации за локалитетот и другите археолошки знаменитости во атарот на с. Коњух. Оваа година, преку посебен проект на Археолошкиот музеј, идејата стана реалност, и во ходникот на училиштето Гоце Делчев, во с. Коњух, приказната за локалитетот и археолошките истражувања на истиот ја раскажуваат 11 информативни илустрирани банери“, вели Санев.
Изложбата и локалитетот ќе бидат отворени во текот на целата година, а посетителите ќе можат да ги посетат со водство на посебно обучени локални водичи од село Коњух и Кратово. На тој начин, изложбата истовремено претставува и почетен чекор во процесот на популаризација на археолошкиот локалитет „Големо Градиште“ и културните знаменитости во неговата непосредна близина, преку кој се отвара и можноста за негово вклучување во туристичката понуда, односно развивање на културниот и руралнот туризам во овој дел на општина Кратово.
По отварањето на изложбата, присутните, меѓу кои директорите на Археолошкиот Музеј од Скопје, на Музеј Кратово, на Управата за заштита на културно наследство од Скопје, вработени во Министерството за култура, и кустоси од Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба и Музејот во Кратово, како и присутните жители од Куманово, с.Коњух, с.Кшла и др., заедно со раководителите и членовите на истражувањата, го посетија локалитетот и се запознаа со новите откритија.