Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во ООУ„Илинден“ од Крива Паланка денеска беше отворена сензорна соба во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Просторијата е опремена со бројни реквизити и стимулативни алатки во која ќе може да работат и да ги развиваат своите потенцијали учениците со образовни потешкотии, водени од специјалните училишни едукатори.
„Целосното вклучување на децата со попреченост во редовниот училишен систем не е лесна задача, но ние како локална самоуправа имаме цел да создадеме услови за еднаков квалитет и пристапност на децата во образовниот систем. Сензорната соба ќе ги прошири можностите за работа и за создавање креативни активности за децата со попреченост, а со тоа ја зголемуваме понудата на активности во создавањето на инклузивна општина која ќе понуди еднакви можности за развој на сите нејзини граѓани“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
Сензорна соба во основното училиште ООУ „Илинден“ во кое се образуваат 604 ученици е од огромна важност за општина Крива Паланка, бидејќи е прва сензорна соба во образовна институција.
„Нашето училиште е најголемо и тоа е матично на три други подрачни училишта. Постоењето на сензорната соба е можност за стимулација на учениците со попреченост во заштитена и контролирана средина, во која преку индивидуална работа ќе се овозможи нивно активно вклучување во воспитниот и едукативниот процес. Со добивањето на вака соодветно опремениот простор, мотивацијата кај стручниот тим е поголема и нѐ поттикнува постојано да ги развиваме нашите капацитети и сите деца да имаат еднакви можности за раст и развој“, изјави Марица Николовска, директорка на училиштето ООУ „Илинден“.
Целосното вклучување на учениците со попреченост во образовните текови е цел на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија.
„Со отворање на осмата сензорна соба го одбележуваме 20 февруари, Денот на социјалната правда. Фондацијата „Чекор по чекор“ повеќе од 25 години реализира активности и придонесува кон создавање на еднакви можности за остварување на социјалните права, развива и спроведува програми кои го унапредуваат образованието, со цел секое дете да има пристап до квалитетно образование. И во следниот период во рамките на овој проектот ќе продолжиме со активности кои се однесуваат на унапредување на образованието и на неговата инклузивност и пристапност“, посочи Сузана Киранџиска, извршна директорка на фондацијата „Чекор по чекор“.