Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Градскиот базен во Крива Паланка повторно ќе биде ставен во функција по пауза од 10 години.
Со отворениот базен ќе стопанисува Ватерполо клубот "Крива Река“, со кој општината потпиша договор на 10 години. За успешното функционирање на објектот, Клубот планира да организира повеќе функционални содржини за спортски активности и привлекување посетители од соседството и регионот.
„Планираме да ја активираме пливачката школа за најмладите од сите училишта и клубови, да отвориме ватерполо школа и да формираме прв ватерполо женски клуб“, велат од Ватерполо клубот "Крива Река“.
Тие најавуваат вистинска транформација на функционирањето на Градскиот базен, вклучително и изнаоѓање на модели и начини за најекономично или алтернативно решение за затоплување на водата.
„Со потпишување на договорот решаваме уште еден проблем и отвораме уште една можност за нашите граѓани. Од претстојната летна сезона Градскиот базен се очекува да биде главно летно катче за сите генерации кривопаланчани“, вели градоначалникот Сашко Митовски.
Изминатите години општината не можеше да најде закупувач за базенот, а ЈП „Комуналец“ не беше во можност да го одржува поради финансиската неисплатливост, односно многу кратката летна сезона.