Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Загадениот воздух, особено оној со лебдечки честички (ПМ2.5 и ПМ10), како што е случајот со повеќето градови во Македонија, предизвикува бројни здравствени проблеми и заболувањата на респираторниот и кардиоваскуларниот систем кај луѓето.
Според последните податоци од 2024 година кои се однесуваат на периодот 2020-2022 година, годишно умираат 291.4 луѓе на 100.000 жители заради тековниот квалитет на амбиентниот воздух, пренесува порталот МКД.
Проценките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) е дека за периодот 2019-2021 годишно, Македонија годишно губи 4.175 животи кои можат да се припишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички.
„Долготрајната изложеност на високо ниво на загадување на воздухот е поврзана со повисоки стапки на смртност од кардиоваскуларни болести, респираторни заболувања и рак. Кога станува збор за амбиентното аерозагадување, станува збор за еколошка нееднаквост која ги влошува здравствените разлики, што доведува до повисоки стапки на астма, кардиоваскуларни болести и други здравствени проблеми особено на оние сиромашните и социјално загрозените групи на население“, велат од ИЈЗ.
Поради високото ниво на загаден воздух постои поголем ризик од предвремено породување или раѓање бебиња со мала родилна тежина, а загрозено е здравјето на децата.
Според најновиот Извештај на УНИЦЕФ од септември 2024 година, секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Македонија е поврзан со загадениот воздух.
Изложеноста на загадениот воздух влијае и на когнитивниот пад, особено кај постарите лица. Загадувачите можат да го оштетат мозочното ткиво и да го забрзаат процесот на стареење на мозокот, што доведува до деменција и други невродегенеративни состојби.
(извор Мкд.мк)