Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Атлетскиот клуб Куманово е севкупен победник на Купот на Македонија за младинци и младинки, со освојување на пехарите за најдобра женска и машка екипа на првенството.
Во категоријата на женски натпреварувачи Теа Алексовска освои златни медали за фрлање на диск и кладиво, и сребрен медал за фрлање ѓуле. Лина Аневска освои сребрен медал во дисциплината трискок и бронза во траката на 100 метри со пречки.
Во машка конкуренција Михаил Стошевски освои 4 медали- злато во трискок и трка на 110 метри со пречки, сребро во скок во височина и бронза за скок во далечина. Марио Пешевски е второпласиран со сребро во трискок, и трето место, односно бронза во скок во височина.
Златна медала освоија и атлетичарите во трката штафета 4х100 метри на која учествуваа Алек Накевски, Марио Пешевски, Михаил Стошевски и Леон Златков.
„Со подмладен состав од осум натпреварувачи, каде најголем број од спортистите се на 16-17 годишна возраст, и за нас преставува вистинско изненадување. Воопшто не очекувавме, иако според остварените резултати не се сомневавме дека високо ќе котираме. Радува фактот што сите наши атлетичари и атлетичарки остануваат да се натпреваруваат и наредната година “, истакна тренерот Филип Колевски.
Натпреварувањето е од А категорија, која се бодува за рангирање на атлетските клубови на национално ниво, а се одржа викендов во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.
На Купот на Македонија за младинци и младинки учествувале 8 екипи во машка конкуренција и девет во женска.