×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Во Куманово промовиран романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски

    17.03.2023 10:42 | Оливера Пешевска

    Во преполна сала на Центарот за култура во Куманово, синоќа се одржа промоција на најновиот роман „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски. 

    Во Куманово промовиран романот „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски

    “Папокот на светлината“ е петти роман на Андоновски и се закити со наградата “Стале Попов“ на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) за најдобро прозно остварување за 2022 година. Иако неодамна издаден романот е веќе проден во повеќе од 2.000 примероци.

    Во романот,  протагонистот кој  трагаше по папокот на светот и љубов кон жената, сега е во потрага по папокот на светлината. Заедно со другите ликови, тој се обидува да открие каде се раѓа онаа светлина која ја просветлува душата и како се случува некој цел живот да ја бара неа, а некој да се задоволи да му биде облека на ѓаволот.

    Со најновиот роман, авторот  Андоновски вели дека сака читателот да ја најде смислата на животот, да го научи да не биде плиткоумен во барањето и  да не ја бара смислата во квантитетот.

    „Бог не може да станува подобар, но на луѓето им ја оставил таа можност. Кој од нас ја користи таа можност, кој има храброст да гледа навнатре? Затоа овој роман го сакаат луѓето и си велат вака - јас за себе имав доста ниско мислење, сум можел да бидам човек. Ако не можам да бидам Бог, можам да бидам барем човек. Светлината е само во ангелите, а луѓето со векови живеат во заблуда дека не се ангели “, кажа Андоновски.

    Во освртот на неговото дело тој констатира дека читањето е во она што прво ќе се  направи кога ќе излеземе, ќе се сетиме ли на гладните, војните и друго, па дури и на себе, дали ќе се сожалиме самите себеси. 

    Авторот смета дека успеал во тоа што го сакал, да им ја разнесе и свеста и поствеста на читателите,  да покрене бура во пронаоѓање на смислата - светлината.

    „Затоа монахот на едно место во книгата му кажува на писателот, колку многу зборови потроши во твоите книги, за да кажеш нешто што се кажува со една реченица:„Ве сакам бре луѓе“. Ништо не е наше.  Kога сум се раѓал никој не ме прашал и кога ќе заминам, пак, нема никој да ме праша. Јас треба да знам кој сум, што сакам и што треба да правам. Ако тоа го направите сте ја нашле смислата на животот и сте ја откриле смислата на светлината“, истакна Андоновски.

    Промотор на книгата „Папокот на светлината“ беше проф. д-р Кристина Николовска,професор на Филолошкиот факултет и самата поетеса.

    „„Папокот на светлината“ е доброволно отуѓување, доброволно напуштање на еден агресивен, перверзен и веќе опасен за душевното здравје свет - нашиот свет на корпоративен капитализам, кој се сведува на цицање крв и тотална униформираност на личноста и нејзината посебност. Таму беше „Не те прифаќаме, оди си, ни пречиш во лагите“, овде е „Си одам, не ми требаат вашите лаги, ја барам Вистината и Светлината“,  потенцираше во својот осврт Николовска.

    Венко Андоновски е еден од најчитаните и најизведувани драмски македонски автори во во последниве две децении. Неговиот роман „Папокот на светот“ е до сега печатен во 15.000 примероци, а “Вештица“ во 11.000. Делата му се преведени на десетина јазици, меѓу кои и на англиски, француски, руски, унгарски, грчки, словенечки, хрватски, српски, бугарски.