Мени

Со тешка механизација интензивно се затрупува депонијата „Краста“ (видео)

11.10.2026 12:39 | Сузана Николиќ

Со тешка механизација интензивно се работи на затрупување со земја на депонијата „Краста“, со цел да се изгасне пожарот и да се спречи понатамошното тлеење на сметот, кое трае со месеци.

Жителите на Пчиња и Студена Бара, кои веќе шести ден ја блокираат депонијата, велат дека повеќе од 30 камиони носат земја од околните каменоломи и од градот, а веќе се забележува и напредок во израмнувањето на теренот.

„Од синоќа почна интензивно да се работи. Се носат големи количества земја и се затрупува сметот. Пристигнаа голем број камиони и тешка механизација од други градови. Дури не можат да се разминат по патот, колку ги има. Се покажа дека нашата одлука да не попуштиме беше исправна. Ова е веќе нешто друго, работата е сериозно сфатена и се гледа дека сакаат да се заврши што побрзо“, вели Стојан Стојковски од „Еко-Пчиња“.

Блокадата на „Краста“ започна во вторникот, со цел да се принудат надлежните институции да преземат мерки за гаснење на пожарот, кој трае шест месеци и го загрозува здравјето на жителите.

Вчера со жителите се сретна градоначалникот Максим Димитриевски, барајќи да дозволат влез за камионите за да се фрла отпадот во делот каде нема пожари, но ваквиот негов предлог не беше прифатен, и блокадата продолжи.

 

Со тешка механизација интензивно се затрупува депонијата „Краста“ (видео)