Мени

Нашите предци се изборија за слобода, ние имаме обврска да изградиме успешна држава, порача премиерот Мицкоски од Спомен-костурницата во Куманово

11.10.2026 14:18 | Сузана Николиќ

Нашите предци имаа храброст да се изборат за држава. Ние мора да имаме мудрост да ја зачуваме, сила да ја развиеме и одговорност да им ја предадеме на идните генерации посилна отколку што сме ја наследиле, порача премиерот Христијан Мицкоски од Спомен-костурницата во Куманово, на свечената седница по повод одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание и Денот на борецот.

Нашите предци се изборија за слобода, ние имаме обврска да изградиме успешна држава, порача премиерот Мицкоски од Спомен-костурницата во Куманово

„Пред осумдесет и пет години, во една од најтешките ноќи во нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро. Тие немале гаранција дека ќе победат. Немале сигурност дека ќе се вратат во своите домови. Немале можност да знаат како ќе изгледа светот што ќе го остават зад себе. Но имале нешто посилно од стравот. Имале верба дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека генерацијата на нашите родители создала независносна и суверена држава, а сегашната генерација има обврска да изгради успешна, економски силна и достоинствена држава.

„Доста беше со поделби. Доста беше со изговори. Доста беше со изгубени можности и мали амбиции. Време е за големи одлуки. Време е за големи дела. Време е за нова национална самодоверба. Државата е создадена за да се развива, да напредува, да создава и да победува! Не да победува други народи, туку да ги победи сиромаштијата, корупцијата, неправдата, поделбите и иселувањето. Нашите предци ни ја оставија слободата. Нашите родители ни ја оставија независноста. А ние на нашите деца мора да им оставиме успешна држава“, рече премиерот Мицкоски во своето обраќање.

Празникот 11 Октомври годинава беше одбележан со свечена академија на Спомен костурницата во Куманово, под слоганот „Идеали што градат иднина“. Делегации положија цвеќе пред Спомен - костурницата на паднатите борци во НОБ.