Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Сашко Коцев (42) го доби признанието „Васил Иљоски“ за особен придонес во театарска уметност, посебно во делот на комедиографијата, и стана лауреат на 27- тиот Меѓународен театарски фестивал „Деновите на комедија“ во Куманово.
Актерката Александра Михајловска - Величковски ја образложи одлуката донесена од Советот на фестивалот, зошто Коцев ја доби наградата.
„Ова не е награда за животно дело, туку за придонес во комедиографијата. А, Сашко го носи и претставува Куманово каде и да оди. А за тоа, во нашата фела зборува целото дело и целата кариера на Сашко Коцев. Но, и неговиот однос кон театарот, она што публиката не може да го види, меѓутоа го гледаат сите колеги на сцена и зад сцена. Апсолутно ги заслужува сите награди кои му претстојат, тој е во многу зрел период од животот и кариерата, допрва го очекуваат големи награди“, потенцираше Александра.
Одлуката е донесена едногласно од Советот на фестивалот, во состав Владанка Крстевски, Александра Михајловска Величковски, Цоки Ристовски, Крсто Богојевски и Сефедин Шабани.
Признанието на лауреатот свечено ќе му биде врачена на отворањето на фестивалот, закажан за 24 септември во Центарот за култура во Куманово.
Коцев е најмлад добитник на наградата, но зад себе има повеќе од 20 годишно актерско искуство, 45 театарски премиери и 30 филмски улоги.
„Наградите се како дете, некое доаѓа случајно, а некое планирано. Оваа доаѓа сосема случајно, многу бев изненаден, посебно што јас не сум тип кој работата ја гледа и доживува низ награди. Јас на печалба од овој театар сум излезен во 2006 година и како што жената му вика на мажот дека никогаш го нема дома, така и мене публиката дека не гостувам во Куманово. Пред нас се уште фестивали, уште театарски претстави, премиери и многу би сакал да се вратам на ова сцена“, истакна Коцев на денешната прес-конференција во Центарот за култура во Куманово.
Тој вели дека не може да дефинира како се израмнил со Чоревски, Ангеловски, со кого играл во 4 претстави, Стојна Костовска, Шенка Колозова кои се многу поискусни колеги. Но, наградата ја смета за како товар со кој публиката го става актерот на уште поголем тест, да ја оправда укажаната доверба, а публиката има лупа со која се гледа и ништо веќе не простува, туку со секоја наредна изведба треба да биде најдобар.
„Трката самиот со себе е најтешка, ама па ако не си ја зададеш ќе се конзервираш на некој начин. Тоа е двигателот, позитивната конкуренција од колегите и натпреварот самиот со себе“, подвлече Коцев.
Наградата „Васил Иљовски“ на „Денови на комедијата“ се воведе од 2017 година и досега признанија добиле: Љубица Гојковиќ, Ѓорѓи Андов, Илија Струмениковски, Шенка Колозова, Стојна Костовска, Благоја Чоревски и Коле Ангеловски.