Авионското прскање против комарци одложено за утре наутро
Авионското прскање против комарци, кое беше најавено за утринава, е одложено за утре (петок) поради дождливото време.
Од Општина Куманово информираат дека третманот ќе се спроведе во раните утрински часови, со почеток во 5:00 часот, на територијата на општината.
„Третманот ќе се изврши на површина од 1.270 хектари, а ќе бидат опфатени следните локации: течението на реките Кумановка, Липковка и Којнарка, месните заедници Бабин Дол, Гоце Делчев и Тоде Мендол, централното градско подрачје, како и прочистителната станица на ЈП „Водовод“ во с. Добрашане. При извршувањето на авионското прскање ќе се користи препаратот Aqua Perm-X 30-30“, соопштија од Општина Куманово.
Од Општината апелираат до пчеларите навреме да преземат соодветни мерки за заштита на пчелите.
Доколку временските услови и утре бидат неповолни за спроведување на третманот, тој ќе биде извршен првиот нареден ден кога ќе има поволни временски услови.