Блокадата во Шупли Камен привремено прекината, се чека вештачење за штетноста од вадењето песок
Жителите на селото Шупли Камен ја ставиле во мирување блокадата со која бараа да се запре екплоатацијата на песок од реката Пчиња во атарот на нивното село, за да се направи вештачење кое треба да покаже дали селото има штета од вадењето песок.
На состанокот во Општина Куманово која се одржал на 6 октомври, било договорено протестот да мирува 15 дена додека да се заврши вештачењето, а дотогаш концесионерот да продолжи со експлоатацијата на песокот на друга локација.
На состанокот присуствувале градоначалникот Максим Димитриевски, началникот на СВР Куманово Никица Петрушевски, директорот на Водостопанство Филип Филиповски, директорката на Државниот инспекторат Ивана Гиновска, раководителот од општинското одделение за инспекциски надзор Бобан Бојковски, како и сопственикот на фирмата коцесионер.
„На предлог на градоначалникот направивме компомис да ја прекинеме блокадата. Во овие десетина дена фирмата продолжи со работа, и направи дополнителена штета. Изнесена е голема количина на песок и ископани се нови дупки кои се длабоки по 5-6 метри. Од понеделник ќе имаме нов состанок на претставници на месната заедница со надлежните во Општина Куманово, и доколку не се исполнат нашите барања ќе продолжиме со протестот“, вели жител на селотото.
Жителите на Шупли Камен излегоа на протест на 2 октомври, за да го изразат своето незадоволство кон АД Водостопанство и Министертвото за животна средина, кои издале дозвола на приватна фирма да врши екплоатација на песок во реката Пчиња.
Тогаш побараа да се поништи дозволата, бидејќи покрај уништувањето на речното корито, ќе останат и без вода за пиење, затоа што со покопување на нивото на реката се повлекува и водата. Досега изворите и бунарите се намалени за еден метар.
Проектот за вадење на песок, чакал и камен, од коритото и бреговите на река Пчиња од Зубовце до Шупли Камен е во должина од 1.000 метри, и предвидува уредување на речното корито заради регулирање на водите. Инвеститор е АД Водостопанство, а дозвола издало Министерството за животна средина и просторно планирање. Изведувач на работите е фирмата Логистик ДООЕЛ Куманово.
Селото Шупли Камен има 200 домаќинства, кои бараат разбирање и поддршка од надлежните за да ја зачуваат здравата животна средина и животот во селото.