Мени

Кумановски акцијаши ќе организираат еко-патроли за да ја подигнат еколошката свест кај граѓаните

15.10.2026 10:43 | Сузана Николиќ

Здружението „Еко акцијаши – Куманово“, ќе работи на развивање и организирање на еко патроли со граѓаните и  учениците во основните и средните училишта, за да се подигне еколошка свет во градот.

Кумановски акцијаши ќе организираат еко-патроли за да ја подигнат еколошката свест кај граѓаните

Целта на оваа иницијатива е да го поттикнат активниот однос кон животната средина, да ја развијат еколошката свест и култура и да придонесат кон создавање на одговорни граѓани кои нема да бидат само набљудувачи на еколошките проблеми, туку и активни учесници во нивното решавање.

„Животната средина е заеднички дом на сите нас, а нејзината заштита е одговорност на секој поединец, институција и општествен чинител. Во време кога загадувањето, несоодветното одлагање на отпадот и недоволно развиената еколошка култура претставуваат сериозен предизвик, потребни се заеднички напори, постојана едукација и поголемо вклучување на граѓаните во заштитата на природата“, вели претседателот на здружението Јусуф Љатифи.

Активностите кои ги планираат во наредниот период се организирање на еколошките акции, промовирање на граѓанските еко патроли и поттикнување на граѓаните да се приклучат, афирмирање на еко патролите во основните и средните училишта, како значаен начин за едукација на младите, објавување едукативни пораки и содржини за правилно постапување со отпадот, заштита на природата и зачувување на чистотата на јавните површини, претставување на позитивни примери на граѓански активизам, волонтерство и одговорен однос кон животната средина.

„Во остварувањето на оваа мисија, ќе работиме на поголема афирмација на нашата идеја. Нашата желба е Куманово да стане град со повисока еколошка свест, поодговорни граѓани и поголема подготвеност за заедничко дејствување. За да го постигнеме тоа, потребна ни е поддршката на сите што можат да придонесат за ширење на оваа идеја, а медиумите се меѓу најважните наши сојузници“, вели Љатифи.

Тој особено ја нагласува важноста за вклучување на младите во целиот еколошки процес. Смета, дека еколошката свест не се создава преку ноќ, ниту само со апели и предупредувања. Таа се гради со образование, личен пример, практична работа и континуирана поддршка од семејството, училиштето, институциите и медиумите.

„Да ги научиме младите да ја чуваат природата, значи да вложиме во иднина во која чистата животна средина ќе биде вредност, а не исклучок. Веруваме дека со заедничка соработка можеме да испратиме силна порака дека грижата за животната средина не е задача само на надлежните институции или на еколошките здруженија, туку заедничка обврска на сите нас“, дециден е Љатифи.

Здружението „Еко акцијаши – Куманово“ редовно организира еколошки акции во сите делови на градот, a последната беше по повод 8 Септември - Денот на независноста, во населбата Бедиње кога им се приклучија и колеги од Велес. 

„Граѓаните во иднина нека пројават интерес и слободно нека не повикаат да реализираме еко акција во нивната средина, во рамки на нашата мисија за поттикнување на развојот на еколошката свест и култура, позитивно ќе одговориме на секоја ваша иницијатива“, порачуваат кумановските акцијаши.