Работилница за деца за креативно пишување со Петар Андоновски и Фросина Пармаковска
Во малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово, денеска ќе се одржи работилница за деца за креативно пишување со, писателите Петар Андоновски и Фросина Пармаковска.
Часот по креативно пишување е осмислен како интерактивна средба меѓу професионални писатели и ученици.
„Во првиот дел, учениците на краток и интересен начин ќе се запознаат со развојот на македонската проза. Во вториот, креативен дел, еминентните македонски писатели Фросина Пармаковска и Петар Андоновски ќе ги воведат учениците во основите и техниките на микрофикцијата, односно кратката прозна форма. Преку игра и заедничко создавање приказна, писателите ќе започнат со неколку реченици, а учениците ќе имаат можност да ја продолжат приказната со свои идеи, ликови и пресврти“, велат организаторите.
Оттаму додаваат дека целта е учениците да почувствуваат дека пишувањето не е само вештина, туку и игра, истражување и простор за слободно изразување.
„Преку непосредна комуникација со писателите, тие ќе се охрабрат да ја користат својата имагинација и да откријат дека секој од нив може да има своја приказна што вреди да биде раскажана“, стои во соопштението.
Работилницата започнува во 11.30 часот.