Мени

Целта е гасот да стигне до секое домаќинство и институција, порача Митровски на 20-годишнината на „Куманово-гас“

08.04.2026 11:20 | Сузана Николиќ

ЈП „Куманово-гас“ одбележа значаен јубилеј – 20 години постоење и работа.

Целта е гасот да стигне до секое домаќинство и институција, порача Митровски на 20-годишнината на „Куманово-гас“

Досега се изградени само 26 километри дистрибутивна мрежа, приклучени се околу 200 домаќинства и 40 правни субјекти, меѓу кои локални институции, јавни претпријатија, установи и компании, сепак, менаџментот очекува подобри резултати во иднина.

„Сè уште сме на почеток и има многу простор за работа. Во моментов имаме поддршка од Општината и Владата и очекуваме развој. Имаме неколку големи проекти што треба да се реализираат во наредниот период. Секоја година ќе напредуваме со цел да ја гасифицираме целата општина – гасот да стигне до секое домаќинство и до секоја институција“, изјави директорот Марко Митровски.

Тој се заблагодари за досегашната работа и посветеност на сите поранешни директори, вработени и надворешни соработници кои придонеле за развојот на претпријатието.

Во развојот на гасификацијата се вложени околу 150 милиони денари или 2,5 милиони евра, исклучиво од буџетот на Општина Куманово. Проектот започнал во 2006 година во времето на градоначалникот Зоран Дамјановски, а прв директор бил Момчило Мирчевски. Првиот приклучок бил реализиран во 2013 година во Домот за стари лица „Зафир Сајто“.

„Не можеме целосно да бидеме задоволни од постигнатото, но мора ако се земе предвид дека инвестицијата беше финансирана само од општинскиот буџет. Од централната власт немавме ниту логистичка ниту материјална поддршка. Гасификацијата е сложен процес – бара дозволи, ископи, монтажа, тестирање и дистрибуција. Со оглед на можностите што ги имавме, доволно направивме“, изјави Мирчевски.

Градоначалникот Максим Димитриевски, кажа дека Куманово е пионер во развојот на гасификацијата во земјата, благодарејќи на централниот гасоводот кој поминува покрај градот на кој се приклучиле големите компаниите како што е Фабриката за заварени цевки 11 „Октомври“ и другите, кои потоа дале свој придонес во надоградување на јавното претпријатие.

Тој најави дека ќе се бара стратешки партнер кој ќе ја развива гасификацијата, за да граѓаните дојдат до поевтин енергенс и да се намали аерозагадувањето на градот.

Директорот Митровски во едно од своите обраќања пред Советот посочи дека, доколку се продолжи со досегашната динамика и без зголемени инвестиции, за целосна гасификација на градот би биле потребни дури 200 години. Сепак, тој изрази надеж дека процесот ќе се забрза, со оглед на тоа што Владата во изминатата година инвестирала 60 милиони денари.

„Преку унгарски кредит, Владата обезбеди 12 милиони денари за изградба на 2 километри дистрибутивна мрежа кон индустриската зона во Доброшане, а во тек е постапка за уште 6,5 километри во вредност од 48 милиони денари. Ако продолжи ова темпо, верувам дека процесот ќе се забрза и претпријатието ќе стане рентабилно, способно самостојно да се развива“, рече Митровски.

Во текот на годинава се планира приклучување на Здравствениот дом Куманово, основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, како и градинката „Синоличка“. Во план е и изградба на мрежа кон индустриските зони Речица и Железничка станица, како и кадровско доекипирање на претпријатието.

Митровски додаде дека зголемувањето на цената на гасот за 60 до 70 проценти на светските берзи не им оди во прилог, но позитивно е што грејната сезона завршува, а се надева дека до есен состојбата ќе се стабилизира.

По повод јубилејот, во Занаетчискиот дом се одржа свеченост со голем број гости, при што на заслужните за развојот на претпријатието им беа доделени плакети.