„Цветна симфонија“ од Куманово дел од карневалската магија во Струмица
Средношколците од регионалниот училишен центар „Киро Бурназ“ од Куманово и годинава учествуваа на Меѓународниот карневал во Струмица.
На централната манифестација во сабота пред публиката се претставија со маската „Цветна симфонија“ ,освојувајќи ги симпатиите на публиката.
Цвеќињата отсекогаш биле симбол на преродбата, убавината и уникатноста. Секој цвет, со својата боја и форма, е посебен и различен, но заедно тие создаваат прекрасни и неповторливи слики од кои застанува здивот. Да бидеме како цвеќињата – независни и уникатни, но обединети во создавање прекрасна симфонија на креативност, заедништво и хармонија – е пораката што ја носи маската.
„Учествувавме во карневалското дефиле и се претставивме со маската „Цветна симфонија“, составена од 22 учесници. Во силна конкуренција, маската предизвика голем интерес кај жирито и публиката, не само поради оригиналноста и впечатливата изработка, туку и поради автентичната музика и кореографија. Учесниците беа наградени со силен аплауз“, вели професорката Сузана Стошиќ.
Идејата за маската, како и нејзината изработка, е дело на учениците, со поддршка од карневалскиот тим составен од професорките Сузана Стошиќ, Бранислава Јовановска, Елена Ѓурковска, Сузана Величковска, Маргарета Бошковска и Тамара Арсиќ. Процесот започнал со изработка на нацрти, набавка и обликување на материјалите, по што следувала изработката на костимите од учениците и менторите. Потоа била осмислена пораката, направен е избор на музика и кореографија за настапот.
Традицијата за учество на училиштето на Струмичкиот карневал трае веќе 15 години. Се започнало во 2010 година на иницијатина на група ученички од профилот козметички техничар и со ист ентузијазам се уште опстојува, велат организаторите.
На овогодинешното издание учествуваа 40 групни и поединечни маски од Македонија, Србија, Хрватска, Црна Гора и Бугарија.
Ликови од митологијата, сегашноста – разиграни танчерки, каубојки, приказни од македонското минато, предизвици на сегашноста, потоа пораки за заштита на природата, животните беа дел маските кои ги виде многубројната публика во Струмица.
Дефилето на струмичките улици траеше четири часа, а доминираа маските и големите карневалски возила изработени во стилот на оние во Рио де Жанеиро.