Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Третиот спрат на трговскиот центар „Гарнизон“, кој се наоѓа во центарот на Куманово, е затрпан со ѓубре и претставува извор на зараза како за вработените и гостите во околните локали, така и станарите кои живеат во комплексот.
Според соседите мини депонија ја направиле сопствениците кои ги затвориле дуќаните и го оставиле сметот, кој со години се трпа, но велат дека и станарите од зградата фрлаат тука.
Тие се свесни за нехигиената и опаснаостите, но велат дека се немоќни да го решат проблемот со одржување на заеничкиот простор.
„Нема комуникација и договор меѓу соседите- дуќанџии. Во минатото имаше обиди, ретки и краткотрајни кои не вложија со плод. Кога ќе дојде нов закупец, најчесто за угостителски објект, ентузијастички ќе расчисти, ќе вложи во објектот и доколку се разработи, редовно одржува. Оние кои затвораат најчесто оставаат инвентар, гајби, се тоа се пари кои ги вложиле и така пропаѓаат. Ние сами чистевме атмосферски одвод, за да спречиме протекување на вода“, потенцира вработен кој скоро цел ден го поминува тука.
Токму на долгогодишните корисници на просторот најмногу им пречи несреденоста и руинирањето на објектот. Но, и покрај бројните притужби никој не знае, или барем не посочува, кој депонира смет иако се погласни се реакциите до инспекциските служби да се реши проблемот и разреши хаосот.
„Треба да постигнат меѓусебен договор, станарите и дуќанџиите затоа што тоа не е јавно прометна површина, па општината нема ингеренции за расчистување. Доколку би сакале да ангажираат екипи на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ би требало да си доплатат, како за дополнителна услуга. Или, пак, можат да си ангажираат фирма која ним најмногу им одговара. Но, крајно време е да се направи нешто затоа што зборуваме за строг центар на градот“, вели Бобан Бојковски, раководител на Одделение за инспекциски надзор.
Инспекторот за животна средина би можел да напише казна само ако сторителот го фати на лице место како фрла смет, или, пак, ако некој го пријави со име и презиме и официјална пријава. Во секој друг случај рацете им се врзани и не можат да санкционираат и постапуваат.
Стамбено-деловен простор „Гарнизон“ функционира како една целина, и за негово одржување и чистење се одговорни сопствениците на становите и дуќаните. Имаат законска обврска да побараат управител кој ќе управува со заедничките простории или пак да формираат заедница на сопственици која ќе ги решава тековните прашања што се однесуваат на хигиена на заедничките простории, поправки, одржување или инвестирање во просторот кој сите го користат.
Во тек е иницијатива за промена на законот за домување во делот на тоа градоначалникот да има дискреционо право да назначи управител на колективни стамбени објекти кои немаат ангажирано стамбен управител или немаат формирано здружение на станари.
„Верувам дека на тој начин голем број од проблемите полесно би се решиле, затоа што би разговарале и преговарале со конкретна личност, која патем ќе има и одговорност, а не со цела зграда. Вака сите се оградуваат, а гласни се во барањата до општината или комуналните претпријатија“, појаснува Бојковски.