Мени

Два концерти и бројни гости за 13-годишнината на КУД „Српски вез“

19.06.2026 08:46 | KumanovoNews

Културно-уметничкото друштво „Српски вез“ од Куманово викендов со два концерти ќе го одбележи 13-годишното постоење и успешно работење.

Два концерти и бројни гости за 13-годишнината на КУД „Српски вез“

Првиот концерт ќе се одржи вечерва (19 јуни), во 19 часот во големата сала на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово, со заеднички настап на членовите на КУД „Српски вез“ и Националниот ансамбл „Венац“ од Грачаница. 

„ Националниот ансамбл „Венац“, е еден од најреномираните професионални фолклорни ансамбли во регионот, па очекуваме да приреди вистински спектакл и незаборавно уживање за љубителите на традиционалната музика и игра. Ова е прва нивна посета на Куманово, а поводот за нивното гостување е 13-годишнината на „Српски вез“ и големиот српски празник Видовден“, вели претседателот на друштвото Далибор Китановиќ.

Централната прослава за јубулејот ќе се одржи утре (20 јуни), со почеток во 19 часот, повторно во НУЦК „Трајко Прокопиев“. На концертот ќе настапат сите седум фолклорни групи на КУД „Српски вез“, етно-групата, пејачката група, како и дел од драмската секција, а ќе има и специјални гости, пријатели и соработници на друштвото.

„Како специјални гости на концетрот ќе бидат играорците од КУД „Дрина“ од Аугсбург, Германија, и Фолклорниот ансамбл при Центарот за култура од Врбас, Србија. На свеченоста се очекува присуство на претставници на владите на Македонија и Србија, градоначалникот на Куманово, како и бројни гости од земјата, регионот и дијаспората. Ветуваме дека ќе имаме прослава за паметење и незаборавно дружење“, дополнува Китановиќ

Организаторите информираат дека двата концерти се реализираат со поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Србија – Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот, Министерството за односи меѓу заедниците на Република Северна Македонија и Општина Куманово.