Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на новата населба т.н. Гладно поље во Куманово реагираат што и по дводецениско урбанизирање на земјиштето се уште немаат улици и инфраструктура, туку пат кој личи на селски макадам.
Неколкупати досега реагирале до општинските власти во Куманово, бидејќи газат кал и дишат прашина, но нема поместување, ниту најава за решавање на нивните проблеми.
„Треба во чизми да одиме, тука не можеме да поминеме во папучи или чевли. Има мали деца кои одат на училиште. Треба од дома да носи два пара кондури - и чизми и чевли за да ги смени кога ќе стигне до асфалтот. Тука е катастрофа, бари, вода, не можеш да поминеш. И тоа не е само нашата улица, сите се такви, ама ние сме најзагрозени затоа што тие се на повисоко, а падот е на нашата улица и во нашите дворови“ истакнува Бранко, жител на улица 715 во населбата Гладно поље.
Жителите проценуваат дека има изградено повеќе од 150 куќи, согласно ДУП, кој патем предвидува и патна инфраструктура за целата населба. Тврдат дека имаат платени комуналии, редовно плаќаат данок, па очекуваат да имаат обезбедено и услови за живот како што доликува на 21-виот век. Имаат и водоводна и фекална канализација, па треба само да се тампонира и асфалтира патот.
„Вселени сме во куќата во 2004 година, а досега, еве веќе 20 години, ништо не е направено. Од тогаш не е пипнато, нема шајка заковано, освен во последниот мандат на бившиот градоначалник Зоран Дамјановски-Циц , кога се тампонираа 200 метри од главната улица (Ѓорче Петров н.з.). А се ни е платено и подмирено, се е градено по урбанистички план, со дозвола, како што треба“, истакнува Бранислав Лазаревски.
Проблем е што улиците не се државен или општински имот, туку се водат како сопственост на приватни лица од кои се купени плацевите. Токму овој процес на експропријација е кочничарот за решавање на проблемите. Во комуналната годишна програма за 2024 година се предвидени средства за впишување на земјиштето под владение на локалната власт, процес кој ќе го отвори патот за урбанистичко средување на населбата.
Веќе се нарачани геодетски елаборати за експропријација и нерешени имотно- правни односи, и тоа – за дел од улица во Гладно Поље - 939 метри, улицата која е паралелна со улицата „Ѓорче Петров“, потоа дел од улица 715 со должина од 360 метри, дел од улиците 716 и 719 со вкупна должина од 487 метри, улиците 717 и 725 – 758 метри, улицата 720 со должина од 240 метри и улица 718, каде за експропријација има предвидено 184 метри.
Во Програмата за изградба, реконструкција и одржување на комуналната инфраструктура на Општина Куманово, пак, планирани се: дел од улицата 712 ( од 710 до 715) во должина од 83 метри, со проектирана вредност од 1,58 милиони денари, дел од улицата 715 со должина од 362 метри за која експропријацијата би чинела 5,16 милиони денари, дел од улицата 716 и 719 (362+124) – 486 метри, со вредност од 6,295 милиони денари, дел од улицата 717 и 725 (446+310) со вкупно 756 метри со планирани 8,785 милиони денари, улицата 720 со дополнителни 240 метри за кои се потребни 2,285 милиони денари и 184 метри за улицата 718 со проценета вредност од 1,750 милиони денари.
За овој проблем во јули 2023 година говореше и градоначалникот Максим Димитриевски, одговарајќи на советничко прашање на 27-ма седница на советот.
„Ние сакаме и имаме намера од Гладно поље да направиме убава населба. Најголем проблем е што во ова населба сите улици во вцртаниот ДУП се приватна сопственост на лица кои во минатото биле сопственици на земјиштето. Кога граѓаните правеле куќи и се реализирал ДУП-от биле ослободени по основа на плаќање давачки, бидејќи нема изградена инфраструктура, или немате пат - не плаќате надомест за пат. Елаборатот за целосна експропријација предвидува некаде околу 32 или 35 евра по м2. Во меѓувреме се јави и друг проблем, согласно предвидената инфраструктура во ова населба. Не се совпаѓаат самите градежни маркици, односно парцели на граѓаните, согласно предвидената линиска инфраструктура. И некаде доаѓа на некои жители за реализација на втората паралелна улица во населбата да им се одземе дел од земјиштето на кое тие веќе имаат поставено огради. Поточно, се јавуваат спорни 20 сантиметри, а некаде и по 40 или 50 сантиметри“, истакна тогаш градоначалникот Димитриевски.
Сепак, локалната власт верува дека чекор по чекор ќе изнајде решение за проблемите во оваа населба.
„Морам да потецирам дека граѓаните направиле прекрасни куќи во една од поубавите населби во градот. Но, согласно законот, онаму каде општината гради инфраструктура, според договорот за плаќање на комуналии и комунални давачки и надомест за уредување на градежно земјиште, жителите ќе бидат задолжени да го доплатат износот на реализираните инвестиции “, објасни тогаш Димитриевски.