Мени

Се запали депонијата Краста во Куманово

20.04.2026 08:40 | Сузана Николиќ

Синоќа се запали депонијата Краста, во близина на селото Пчиња, каде што се одлага отпадот од Куманово.

 

Се запали депонијата Краста во Куманово

Екипи на ЈП „Чистота и зеленило“ го гаснат пожарот.

„Пожарот се појавил синоќа околу 20 часот на страничниот дел на депонијата и се проширил кон врвот. Наши екипи веднаш излегоа на терен за да се спречи понатамошно ширење. Поголем дел од пожарот е саниран, а пламен има само на одредени делови. Сега има густ чад, кој е предизвикан од горење на подземните гасови. Целиот потенцијал на механизацијата на претпријатието е ставен во функција за гаснење на пожарот. Во ваква ситуација може само да се затрупува со земја, бидејќи полевањето со вода не дава резултати. Даваме сè од себе пожарот да биде изгаснат што побрзо“, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ.

Случајот е пријавен во полиција за да се утврди дали пожарот е подметнат.

Проблемот со пожарите на депонијата Краста се повторува секоја година со зголемувањето на температурите. Потоа запалениот отпад тешко се гаси и тлее, а чадот се шири со недели.

На ова реагираат жителите на селото Пчиња, кои се жалат дека чадот ги труе, им ја уништува животната средина и ги оштетува градинарските култури, од кои живеат.

„Повторно чад, повторно труење. Ова не е инцидент, туку системски неуспех што со години се повторува, додека надлежните молчат. Уште колку пати треба да се запали депонијата за некој да реагира? Уште колку долго ќе вдишуваме отров? Локалната власт е иста, и резултатите се исти – игнорирање, неодговорност, нула акција. Ова е директна закана за здравјето на луѓето. Бараме итна реакција, трајно решение и јавна одговорност“, објави здружението „Еко Пчиња“.

Депонијата Краста е децениски проблем за градот и жителите на околните села, бидејќи отпадот не се третира на соодветен начин. Решението е во отворањето на регионалната депонија во Свети Николе со пари од Европската унија, која со години е заглавена во бирократски процедури и неприфаќање од населението на чија територија да се гради.