По владината реконструкција, Стоилковиќ во локална самоуправа, Клековски во здравство
Иван Стоилковиќ од Куманово, претседател на Демократската партија на Србите (ДПСМ) кој досега беше вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, во иднина ќе го води Министерството за локална самоуправа.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по вечерашниот партиски состанок на Извршниот комитет ги соопшти кадрите опфатени со реконструкцијата на Владата.
Од ВМРО-ДПМНЕ министер за здравство ќе биде Сашо Клековски, а досегашниот министер за локална самоуправа Златко Перински ќе раководи со ФЗО.
За министер за социјална политика, демографија и млади е предложен досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски, а за министер без ресор за интеграција на Ромите е предложен Ерџан Демир.
Партијата ЗНАМ ќе го преземе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а министер ќе биде Борче Серафимовски. На чело на Министерството за јавна администрација останува досегашниот министер Горан Минчев.
„Вреди“ ќе раководи со Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, како и со Министерството за односи меѓу заедниците.
„Оваа реконструкција е почеток на нова фаза по изминати две години од работата на Владата, период исполнет со сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти. Сега следува период во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните“, кажа Мицкоски.