Изграден нов паркинг во кругот на Кумановската болница
На запуштениот простор зад одделенијата за инфективни болести и психијатрија изграден е нов паркинг-простор во кругот на Општата болница Куманово.
Директорот на болницата, Сашо Стошевски, вели дека по неговото доаѓање на функцијата согледал оти еден од проблеми со кои се соочуваат пациентите и вработените е и недостигот од паркинг-места, поради што често се блокираат одредени делови од болничкиот круг.
„Обезбедени се 86 паркинг-места. Целта на овој нов паркинг е да се отстранат возилата од пред амбулантите и да се овозможи нормален проток на сообраќај низ болницата. Ова е четвртиот паркинг во кругот на болницата и значително ќе ги задоволи потребите за паркирање на пациентите и персоналот“, изјави Стошевски.
Тој посочи дека неговата иницијатива била поддржана од општествено одговорни компании, кои целосно ја покриле реализацијата на проектот, чија вредност изнесува околу 80.000 евра.
„Комплетната инвестиција е донација од фирмите: „Фишер Тихи“, која изврши ископ, отстранување на шут и отпад, тампонирање и подготовка за асфалтирање; „Кооп инженеринг“, асфалтираше 1.700 квадратни метри паркинг-простор; „Евто ексклузив“, обезбеди ивичњаци и бетон за нивна монтажа, а „Шпејтим Б-катон“, работна рака за поставување на ивичњаците; „Манас бои и лакови“, обезбеди материјал за обележување на паркингот, а се вклучија и јавните претпријатија „Куманово план“, „Куманово гас“, „Куманово – паркинг“, „Чистота и зеленило“ и „Водовод“. Сите овие компании покажаа дека со заедничка организација може да се направи многу, за што сум им искрено благодарен“, додаде Стошевски.
Денеска се врши обележување на паркинг-местата, а од утре новиот паркинг ќе биде пуштен во употреба.