Мени

Изложба „Од ала турка и ала франга до современата мода во Куманово“ од Анита Стојчевски

19.06.2026 13:28 | KumanovoNews

Во Лапидариумот на Музеј – Куманово вечерва, со почеток во 20:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Од ала турка и ала франга до современата мода во Куманово“, авторски проект на м-р Анита Стојчевски, кустос-советник етнолог.

Изложба „Од ала турка и ала франга до современата мода во Куманово“ од Анита Стојчевски

Изложбата претставува уникатно патување низ времето, следејќи ги промените во начинот на облекување, естетските вредности и културните влијанија што го обликувале секојдневниот живот на жителите на Куманово.

„Преку богата музејска документација, архивски материјали, фотографии и автентични предмети, посетителите ќе имаат можност да го проследат развојот на модата – од ориенталниот стил познат како „ала турка“, преку европските влијанија на „ала франга“, па сè до современите модни изрази што денес се дел од локалниот идентитет“, вели Стојчевски.

Облеката отсекогаш била многу повеќе од практична потреба – таа е огледало на времето, општествените промени, економските услови и културните врски. Токму затоа изложбата не ја раскажува само приказната за модата, туку и приказната за луѓето, нивните навики, стремежи и начинот на кој ги прифаќале новите трендови, истовремено зачувувајќи дел од традицијата.

„Изложбата нуди редок увид во трансформацијата на градската култура во Куманово, откривајќи како различните историски периоди оставиле свој белег врз изгледот и стилот на неговите жители. Таа претставува значаен придонес во проучувањето и зачувувањето на локалното културно наследство, потсетувајќи нè дека модата е жив сведок на минатото и важен дел од колективната меморија. Ве очекуваме заедно да ја откриеме приказната за модата, традицијата и културните влијанија што низ вековите го обликувале ликот на Куманово“, вели Стојчевски.

Како надворешен соработник на изложбата учествува проф. м-р Александар Рашковиќ, а промотор е м-р Славица Христова од Музејот на Град Скопје.