Изработен 3Д проект за адреналински парк, се бараат средства за негова реализација (видео)
Граѓанската иницијатива „Скејтленд“ изработи 3Д модел за изградба на адреналински парк во Куманово. Паркот ќе се наоѓа покрај спортската сала, а ќе содржи стази за велосипедизам и за скејтбординг, како и и простор за организирање на разни фестивали и културни настани за младите.
„Паркот отвара можност за разни настани. Замисла ни е првиот позначаен настан да биде „Графити фест“, каде младите уметници ќе можат слободно да се изразуваат и да цртаат, да се препуштат на својата имагинација и да уживаат во овој нов концепт на младински простор“,- изјави Сара Стефановска, која работеше на проектот.
Иницијативата за изградба на адреналински парк, ја поддржа Општина Куманово и одреди локација за таа намена. Идејата за ваква содржина беше поддржана од младите во градот, кои учествуваа на теренската и онлајн анкета, како и на фокус групите кои беа организирани во проектот.
Средства за реализација на проектот ќе се бараат од буџетот на Општината, но и странските донации и фондови.
