Мени

Ќе се вади асфалтот на „Моша Пијаде“ – граѓаните да не паркираат во зоната каде што се работи

02.06.2026 12:54 | KumanovoNews

Поради изградбата на атмосферска канализација и реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“, ќе се вади асфалтот по целата должина и ширина на улицата, поради што од Општина Куманово апелираат до граѓаните да не ги паркираат своите возила во близина на местата каде што се изведуваат градежни работи, со цел да не ја загрозат сопствената безбедност и да не го попречуваат текот на работите.

Ќе се вади асфалтот на „Моша Пијаде“ – граѓаните да не паркираат во зоната каде што се работи

„Во претстојниот период ќе се отстрануваат постојната асфалтна конструкција и рабниците по целата ширина и речиси по целата должина на улицата. Пристапот за возила ќе биде отежнат сè до создавање услови за повторно воспоставување на сообраќајот. Оваа постапка е неопходна заради безбедно движење на граѓаните и возилата, како и за непречено и безбедно извршување на градежните работи“, информираат од Општина Куманово.

Првата фаза од реконструкцијата на улицата „Моша Пијаде“ започна во мај минатата година, а досега е завршена реконструкцијата на водоводната мрежа на потегот од „Пијано Престиж“ до УЈП.

Според проектот, ќе биде реконструирана или заменета целокупната подземна инфраструктура на улицата, а ќе бидат поставени и нови електрични и оптички инсталации. Во должина од 830 метри ќе се изгради нова атмосферска канализација со профил Ф-1000. На дел од улицата ќе бидат заменети и водоводната и фекалната канализациска мрежа, бидејќи постојната инфраструктура е стара повеќе од 50 години.

Изведувачот и надзорниот орган се избрани од Владата, а проектот се реализира преку Министерството за транспорт и врски и Светската банка, во соработка со локалната самоуправа.