Димитриевски најави убедлива победа уште во првиот круг, на конвенцијата на ЗНАМ во Куманово
На Градски плоштад во Куманово, Движењето ЗНАМ, синоќа одржа конвенција на која ги промовираше кандидатот за градоначалник, Максим Димитриевски и листата на советници во Куманово.

Димитриевски најави убедлива победа уште на 19 октомври, во првиот круг на локалните избори.
„Мириса на победа, и тоа убедлива победа уште во првиот круг. Видлива е енергијата што ја имаме, енергија која нè влече напред. Се гледа како младоста и искуството се здружуваат за да се оствари примарната цел – Куманово да продолжи да се менува и да стане уште подобро место за живеење. ЗНАМ го знае и веќе го прави тоа“, кажа Димитриевски.
Тој истакна дека со неговиот тим во изминатите осум години покажале и докажале дека со чесност, искреност, посветеност, отчетност и постојана работа секогаш се стигнува до успешен резултат, потенцирајќи дека во овој период успешно се реализирани повеќе од 800 проекти.
„Бројките покажуваат убедливо водство и во трката за градоначалник и во изборната борба за советничките листи. На уште непочната кампања, граѓаните знаат кој ја заслужува нивната доверба и за кога треба да го дадат својот глас. Е тоа е успех, тоа е доказ дека ЗНАМ не е кампањска партија туку автентично движење! Од народот и за народот!“, рече Димитриевски.
На конвенцијата беа претставени и дел од планираните проекти за наредните четири години. Програмата на ЗНАМ предвидува стотици проекти во сите области, кои ќе донесат уште подобар живот во Куманово, и ќе го направат регионален економски центар и најсредена општина во Македонија.
Пред присутните се обрати и носителката на советничката листа на Движењето ЗНАМ, Ивана Ѓорѓиевска.
„Заедно со Максим Димитриевски ќе работиме на засилено учество на младите и жените во јавниот живот. Тоа го покажуваме со нашата советничка листа. Нам не нѝ требаат квоти за да ја докажеме рамноправноста, ние веќе ја живееме. Половина од нашата листа се жени. Голем дел се млади луѓе со визија, со енергија, со идеи за модерно Куманово. Млади луѓе кои мора да научат дека политиката е одговорност, а локалната политика е образ, а не привилегија“, нагласи Димитриевска.
Димитриевски е во трка за трет мандат за градоначалник на Куманово.