Мени

Иван Стоилковиќ е нов министер за локална самоуправа

14.07.2026 15:11 | KumanovoNews

Иван Стоилковиќ од Куманово, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија (ДПСМ), е нов министер за локална самоуправа.

Иван Стоилковиќ е нов министер за локална самоуправа

Тој доаѓа на местото на Златко Перински кој, пак, ќе биде нов директор на Фондот за здравствено осигурување.

Денеска беше извршено примопредавањето на функцијата, при што Стоилковиќ порача дека ќе стави крај на нерационалното трошење на јавните средства и најави поголема транспарентност во работењето.

„На сите проекти што се во тек ќе им влееме нова енергија и ќе извршиме увид во нивната реализација. Ги враќаме парите таму од каде што доаѓаат – кај граѓаните, но и локалните самоуправи треба да покажат поголема ажурност во прибирањето на средствата што им припаѓаат. Носиме европски стандарди преку прекуграничните ИПА-програми и соработка со соседните земји, за не само да привлечеме, туку и ефикасно да искористиме средства од Европската Унија. Со целосната дигитализација на локалните услуги ќе го укинеме понижувањето по шалтерите и ќе овозможиме целосен увид во тоа каде и како се троши секој денар во општините“, објави Стоилковиќ.

Во Собранието вчера беа избрани осум нови министри во рамки на владината реконструкција.

Нов министер за здравство е досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, додека ресорот за социјална политика, демографија и млади ќе го раководи Ѓоко Велковски, досегашен заменик-министер во истото министерство. И двајцата се кадри на ВМРО-ДПМНЕ.

Коалицијата „Вреди“ ги презеде Министерството за правда, каде министер е Јетон Шасивари, Министерството за односи меѓу заедниците, со кое ќе раководи Агон Ферати, како и Министерството за култура и туризам, на чие чело доаѓа досегашниот заменик-министер Седат Сулејмани.

За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е избран Борче Серафимовски, кадар на ЗНАМ.

Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ е именуван за министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите.