Мени

Кумановка снимена како уништува дрвца на локалитетот „Водовод“ (видео)

17.03.2026 10:33 | KumanovoNews

Повозрасна жена вчера била снимена како крши млади дрвца во дворот на зграда на локалитетот „Водовод“ во Куманово.

Од снимката, која е доставена до нашата редакција, се гледа како жената прво се обидува да скрши едно стебло, но откако не успева, револтирано се нафрла врз друго и ги крши младите гранчиња.

На видеото се слуша како се заканува дека, доколку треба, дрвцата ќе ги исече со пила. 

Овој случај уште еднаш ја потврдува неодговорноста и несовесноста на поединци кои нанесуваат штета врз зеленилото и урбаната опрема во градот. Иако често се смета дека младите во ноќните часови се склони кон вакви постапки, овој пример покажува дека деструктивното однесување не познава возраст, пол или време.

Случајот е пријавен во полиција и во комуналната инспекција, а се очекува да следуваат санкции. Од СВР Куманово и Комуналната инспекција при Општина Куманово за Кумановоњуз потврдија дека пријавата е примена и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Од ЈП „Чистота и зеленило“ велат дека ваквите појави се чести и претставуваат секојдневен проблем во нивното работење. Посочуваат дека младите садници по пошумувањето постојано се крадат или уништуваат, поради што на истите локации мора да се интервенира повеќепати, наместо да се уредуваат нови зелени површини. Последните случаи се кога на дрворедот на ул. „Октомвриска револуција“, за само неколку дена, биле оштетени пет дрвца, а биле откорнати и љубичиците на кружниот тек кај Митев мост.

Граѓаните бараат построги санкции за прекршителите на законот со цел да се воспостави ред во градот.

Кумановка снимена како уништува дрвца на локалитетот „Водовод“ (видео)