Мени

Куманово доби противпожарно возило со хидраулична скала и корпа донација од Австрија

12.11.2025 16:17 | KumanovoNews

Територијалната противпожарна единица во Куманово, доби противпожарно возило со хидраулична корпа,  донација од противпожарната служба на Покраината Тирол во Австрија. Ова е прво вакво возило во градот и во регионот.

Куманово доби противпожарно возило со хидраулична скала и корпа донација од Австрија

„Ова возило ни е повеќе од потребно, бидејќи имаме повеќе висококатници во Куманово. Првичната намена му е за спасување од височина, бидејќи има 32 метри скала и хидраулична корпа, меѓутоа се користи и за гаснење на пожари на повисоките катови со монтирање на дополнителна опрема. Возилото е во извонредна состојба, целото е во хидраулика и електорника и се надевам дека долго ќе го користиме“, изјави командирот на Територијалната противпожарна единица Куманово, Деан Илиевски.

Тројца кумановски пожарникари поминале обука и се стекнале со искуство за користење на возилото, кои го пренеле и на останатите колеги во единицата. 

Донацијата е дел од проект на Австриската амбасада кој предвидува и активности за зајакнување на капацитетите на противпожарните единици и формирање на доброволни противпожарни друштва во земјата. Како партнер е избрано Куманово, а соработката помеѓу двете служби започнала пред една година и ќе трае во наредните две години.

„Ќе продолжиме да ги користиме нивните искуства, а целта е Куманово преку овој пилот проект да направи реформи во противпожарниот систем, па покрај професионалната противпожарна единица да обезбедиме услови и за функционирање на доброволни противпожарни друштва во селата Пчиња, Табановце и Орашац. Општината има обврска да обезбеди во рамки на постоечките капацитети места за паркирање и складиште за опремата. И дополнително простор каде што пожарникарите ќе вежбаат, тренираат и ќе интревенираат во случај на пожар и други несреќи. Целта е да се приближиме на системот кој Австрија, кој е еден од најдобрите во Европа и светот“, кажа градоначалникот Максим Димитриевски.

Координатор на проектот од пожарната единица Тирол, Петар Лугар, вели дека сакаат да помогнат во доопремување на кумановската служба и со нови возила од Австрија, како и да организираат посебни во обуки во Тирол и во Хрватска, во кои ќе се  вклучат млади волонтери. 

„Во покраинета Тирол има 23.000 добровони пожарникари, а има население колку половина од вашата држава, а во цела Македонија има 800 волонтери. Луѓето пристапуваат на доброволна база, почнуваме од училишна возраст. Голем дел од учениците кои учествуваат во обуките после 16 години најчесто одлучуваат да останат во доброволните противпожарни друштва. Задоволство им е што можат да бидат корисни за општината и за граѓаните, за покраината. Не добиваат паричен надомест, само заштитна опрема, облека и простории, каде што можат да се дружат и да стекнуваат пријателства. Имаме искуство во Австрија кога ќе почне да се плаќа волонтерството тогаш тоа се губи, изјави Лугар .     

Кумановската противпожарна служба ја покрива и општина Липково, а помага и во помалите соседни општини, поради што покрива голем регион и има голем број на интеревнции во текот на годината. Располага со ограничени професионални и технички капацитети. Возниот парк е стар во просек 43 години.