Мени

Куманово меѓу градовите со најмногу заболени од грип

15.01.2026 13:21 | KumanovoNews

Во текот на втората недела од 2026 година, во Македонија се пријавени вкупно 2.322 случаи на заболени од грип, што претставува зголемување од 34,6 проценти или 2,2 пати во споредба со претходната недела.

Куманово меѓу градовите со најмногу заболени од грип

Куманово е на трето место со 266 заболени од грип. 

Во однос на возрасната дистрибуција, најмногу заболени се лица на возраст од 15 до 64 години – 1.378. Следуваат 369 лица постари од 65 години, 316 деца на возраст од 5 до 14 години и 259 деца на возраст од 0 до 4 години. Највисока инциденца е регистрирана кај децата од 0 до 4 години.

Заболените се пријавени од 25 центри за јавно здравје и подрачни единици. Најмногу случаи има во Скопје – 556, Тетово – 308 и Куманово – 266, по што следуваат Охрид – 202, Прилеп – 127, Велес – 111, Кавадарци – 109 и Штип – 95. Во Струмица и Битола се регистрирани по 87 случаи, Дебар – 78, Гостивар – 71, Неготино – 54 и Македонски Брод – 42. Во Кичево, Гевгелија, Свети Николе, Кочани, Виница, Крива Паланка, Кратово, Струга, Валандово, Пробиштип и Радовиш бројот на заболени е помал од 30.

Во текот на втората недела од 2026 година е пријавен и еден смртен случај асоциран со грип. Станува збор за 75-годишна жена од Скопје, која била хоспитализирана на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. Кај починатата биле утврдени коморбидитети, а таа не била вакцинирана против сезонски грип. Лабораториски е потврдено присуство на вирусот Influenza A.

(фото.архива)