Мени

Куманово со „Срце за 63 светлини“ им оддаде почит на жртвите од Кочани

17.03.2026 09:19 | KumanovoNews

Со ѕвездено небо, бели рози и балони, ученици од општинските училишта, членови на балетски студија, како и бројни граѓани, синоќа на Градскиот плоштад во Куманово им оддадоа почит на 63-те жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој се случи на 16 март 2025 година.

 

Куманово со „Срце за 63 светлини“ им оддаде почит на жртвите од Кочани

Во спомен на жртвите светлата на Градскиот плоштад симболично беа изгасени во траење од 63 секунди, a беа запалени свеќи, со молитва и надеж дека ваква трагедија никогаш повеќе нема да се повтори. Воедно беше испратена и порака за поддршка до родителите – дека не се заборавени. 

На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, како и претставници од општинската администрација.

Настанот „Срце за 63 светлини“ го организираше Фондацијата за култура и спорт Куманово, со поддршка на Општина Куманово.

Во пожарот во дискотеката во Кочани загина и музичарот Филип Стевановски од Куманово, член на групата „ДНК“. Стевановски беше продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистер по џез студии и директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Тој беше и уметнички директор на Џез фестивалот во Куманово.

Своето музичко образование го стекнал во Македонија, а како пијанист и тромбонист се доусовршувал неколку години и во САД. Завршил два факултета – џез и класична музика.