Кумановски средношколци изработија мурал - „Уметност против омраза“
Ученици од гимназиите „Гоце Делчев“ и „Сами Фрашери“, заедно со уметници од здружението „Форма“, изработија мурал со поракa за мир и соживот на објект на кој претходно бил испишан говор на омраза.
Уличната акција „Уметност против омраза“, која викендов се одржа во Куманово, имаше за цел јавниот простор да ги исполни со уметничко дело што промовира солидарност, различност и заедништво, наместо пораки на нетолеранција и насилство.
Фросина Додевска, мировен активист од Куманово, вели дека преку оваа акција испратиле јасна порака дека омразата не може да биде лицето на нашите улици.

„Покажавме дека нашите улици можат да зборуваат за заедништво, храброст и креативност, наместо за поделби и нетолеранција. Заклучокот од ова дводневно дружење е дека децата уживаа и дека токму уметноста може да ја обои омразата. Она што посебно радува е што тие покажаа иницијатива да продолжат да се дружат, да бидат вклучени во идни проекти и акции што би биле добри за нашиот град. Тоа значи дека сме ја постигнале целта да ги зближиме, а тие понатаму сами ќе си го пронајдат патот до комуникација и другарување“, изјави Додевска.
Проектот „Уметност против омраза“ се спроведува преку неформална група мировни активисти, со поддршка на Центарот за ненасилна акција, во Куманово, Бања Лука и Ниш.
Тамара Зрновиќ од Центарот за ненасилна акција Сараево вели дека идејата била да се соберат средношколци од различни етнички заедници, во овој случај Македонци и Албанци, за заеднички да создадат дело што ќе биде симбол на нивната соработка.

„Се одлучивме тоа да биде мурал, да го разубави градот. Ученицте да бидат креативни и да се забавуваат, но и да имаат нешто што заеднички го создале. Исто така, многу ни е важно да зборуваме за говорот на омраза и да ги научиме да го препознаваат, за да можеме и ние да интервенираме. Сакавме да ги охрабриме во некој момент од нивниот живот да придонесат омразата да исчезне, да се гради заедницата и да се рушат предрасудите. Денеска го прекречија ѕидот на кој пишуваше „За нас само гасна комора“ со мурал, со што е оплеменет јавниот простор во центарот на градот, каде секојдневно поминуваат многу деца“, изјави Зрновиќ.

Таа смета дека младите го препознаваат говорот на омраза, но не се доволно свесни за неговото влијание врз јавниот простор. Воедно, изрази воодушевување од нивната реакција, креативност, идеи и искреност, најавувајќи дека проектот ќе продолжи и во иднина.
Организаторите се заблагодарија за поддршката од училиштата и локалните уметници.