Лажни СМС пораки за сообраќајни прекршоци се праќаат на граѓаните
Во изминатиот период е забележана појава на фишинг-напади преку лажни СМС-пораки, електронски пораки, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи, велат од МВР и ги предупредуваат граѓаните да бидат претпазливи
Лажните пораки наводно пристигнуваат од „Оддел за моторни возила“ и се претставуваат како известувања од системот „Безбеден град“. Во нив е наведен лажен линк преку кој граѓаните се пренасочуваат да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок.
Од МВР апелираат до граѓаните да бидат внимателни при користењето на интернет, да не отвораат сомнителни линкови и пораки и никогаш да не споделуваат лични податоци, како броеви на банкарски картички, лозинки или лични идентификатори, преку неовластени канали.
„Граѓаните треба да ја проверат адресата на испраќачот, бидејќи официјалните институции и компании користат службени домени, да користат двофакторска автентикација (2FA) за дополнителна заштита на своите сметки и да ги пријават сомнителните пораки кај надлежните институции или во својата банка“, соопшти МВР.
Оттаму појаснуваат дека СМС-известувањата за направен сообраќаен прекршок треба да пристигнуваат од испраќачот „MVR-SC“. Пораката задолжително треба да содржи регистарска ознака на возилото со кое е направен прекршокот, како и линк во следниот формат: https://safecountry.mvr.gov.mk.
Секторот за компјутерски криминал презема мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваквите измами.