Мартин Костовски е фаворит во Куманово, чесен и докажан борец за граѓаните, кажа Филипче
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, при денешната посета на Куманово, кажа дека кандидатот за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски, е фаворит на изборите, бидејќи граѓаните веќе ја препознале разликата меѓу чесни и професионални луѓе и оние што се грижат само за личните интереси.

„Граѓаните веќе еднаш беа излажани, но сега тоа нема да го дозволат. Мартин е еден од фаворитите за победа во Куманово, тоа ни го потврдуваат и последните истражувања. Тој има одличен прием кај граѓаните – градски човек кој може да влезе насекаде, чесен, без дамка во неговата работа. На секоја функција ја вршел својата работа професионално и во интерес на граѓаните“, изјави Филипче.
Тој додаде дека Максим Димитриевски го изгубил кредибилитетот, со тоа што наместо да се бори против криминалот и корупцијата, „седна во скутот на власта и ги поддржува сите политики на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Куманово не заслужува уште еден мандат на Димитриевски, а Мартин Костовски е вистинскиот избор за граѓаните – чесен човек, професионалец, фаворит за победа и човек со визија за модерно и европско Куманово. Јас лично ја преземам одговорноста пред граѓаните дека и како градоначалник ќе остане ист – чесен и посветен на интересите на Куманово“, порача лидерот на СДСМ.
Филипче денеска заедно со кандидатот за градоначалник , Мартин Костовски и кандидатите за советници, направија обиколка на зелениот пазар во Куманово.
По разговорите со продавачите и посетителите на пазарот, Филипче изјави дека постои сериозна загриженост кај граѓаните за економската состојба и лошите економски политики на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Земјоделците и продавачите укажаа на недостигот од поддршка од државата, укинувањето на субвенциите и авансните плаќања, што директно влијае на производството и на цените на производите. Граѓаните, пак, се жалат дека сè потешко можат да ги купат основните прехранбени производи, резултат на лошите економски политики на актуелната влада”, рече д-р Филипче.
Тој, исто така кажа дека СДСМ нема да дозволи да се продаде пазарот, туку има план да го реконструира.
„Наместо тоа, имаме детален план за негово целосно реконструирање со современи услови, вклучително и подземен паркинг за подобри услови за работа и за посетителите“, истакна Филипче.
Тој додаде дека проектите на Мартин Костовски се дел од поширока визија за Куманово како модерен европски град, со содржини за сите – културни активности, можности за младите претприемачи и современа инфраструктура за сите генерации.