МОК инвестираше 190.000 евра во Куманово за одржување на Младинската олимпијада
Македонскиот олимписки комитет (МОК) вложи 190.000 евра во спортската инфраструктурата во Куманово, кој беше домаќин на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Македонија.

„Куманово, како еден од двата града домаќини на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Македонија, се истакна со исклучителна организација, навременост и целосна посветеност во подготовките. Благодарение на одличната соработка со МОК и силната ангажираност на локалната самоуправа, реализирани беа значајни инвестиции кои не само што го подигнаа нивото на настанот, туку и оставија трајна придобивка за граѓаните на Куманово. МОК инвестираше 190.000 евра за комплетно реновирање и опремување на 24 апартмани и ресторан во рамки на градскиот пливачки базен, трансформирани од фаза „карабина“ до „клуч на рака“. Секоја соба беше опремена со нов мебел, постелнина и вентилатор, со што објектот доби нов лик и стандард достоен за сместување на младите олимпијци и нивните делегации, а беа реновирани и тоалетите во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, каде беа сместени дел од спортистите“, велат од МОК.
Паралелно со овие активности, биле направени и други важни интервенции и подобрувања. Со поддршка на локални донатори реновирана е спортската сала во Економското училиште, целосно се обновени тоалетите, соблекувалните и паркетот, а било извршено и комплетно бојадисување на внатрешноста.
Според Александар Крстевски, раководител на Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита при Општина Куманово, организацијата на ЕМОФ претставува историски момент и значајна придобивка за градот, но најголемиот и најдолготраен ефект ќе го почувствуваат граѓаните на Куманово, особено младите и спортските клубови.
„Верувам дека со овие инвестиции и поддршка ќе ги зајакнеме темелите за долгорочен развој на спортот во градот, поттикнувајќи го здравиот начин на живот и охрабрувајќи ги младите да го следат патот на спортистите и да го остварат својот потенцијал. Граѓаните, а особено младите, ќе имаат можност да ги користат овие современи спортски објекти и по завршувањето на фестивалот, што значи дека придобивките ќе бидат трајни и ќе го инспирираат развојот на спортот и рекреацијата во Куманово во годините што следуваат“, смета Крстевски.
То додаде дека беше голема чест да се биде домаќини на овој престижен европски настан, кој го позиционира Куманово на мапата на водечките спортски центри во Европа. Според Крстевски, Куманово преку оваа организација не само што доби важна европска афирмација како гостопримлив и организиран град, туку отвори и врати за идни меѓународни спортски проекти и соработки.
Во Куманово се одржуваа кошаркарските натпревари, како и трките во планински и друмски велосипедизам, дисциплини кои бараа сериозна подготовка на трасите и адаптација на инфраструктурата според европските спортски стандарди. Особено внимание беше посветено на техничко уредување на спортските објекти и патната мрежа, со што градот успешно ги исполни сите предуслови за квалитетно одвивање на натпреварите.