Градскиот парк остана без десетина дрвја по силното невреме
Невремето што завчера го зафати Куманово предизвика значителни оштетувања во Градскиот парк, каде што беа откорнати и урнати десетина дрвја.
Според информациите од ЈП „Чистота и зеленило“, паднати се големи стебла од јасен, јавор, чемпрес и маслинка, а дел од велосипедските и пешачките патеки се блокирани со гранки и стебла.
Екипите на претпријатието започнаa со расчистување на теренот и отстранување на паднатите дрвја и гранки, со цел патеките повторно да бидат безбедни и проодни за граѓаните.

Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, вели дека станува збор за голема штета, бидејќи се уништени повеќегодишни дрвја со развиени крошни.
„Жал ни е што изгубивме големи и здрави дрвја, но по расчистувањето ќе започнеме со обновување на зеленилото. На местото на откорнатите дрвја ќе засадиме нови садници“, изјави Томиќ.

Невремето што го зафати Куманово предизвика штети и на повеќе други локации во градот, при што беа откорнати дрвја, оштетени кровови и возила, а силниот ветер остави последици врз јавната инфраструктура.
