Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во дворот на Гимназија „Гоце Делчев“ денеска беше одбележана 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер.
На свеченоста присуствуваа делегации од училиштето, претставници од кабинетот на градоначалникот, советот, локалната администрација, политички партии, здруженија, организации и граѓани.
Пред присутните се обрати директорката Марија Тодоровска.
„Со гордост го славиме неговото раѓање, тој остави за нас еден голем аманет, да продолжиме со неговите мисли, да се натпреваруваме на секое културно поле. Затоа и ние како училиште продолжуваме со натпревари на сите нивоа, успеси кои ги постигнуваат нашите ученици и нашите наставници. Тоа резултира со сите големи натпревари на меѓународни, светски нивоа што потврдува дека станува збор за еден многу значаен успех на нашето училиште. Со гордост и навистина заслужено го носиме неговото име“, истакна директорката Тодоровска.
Песна посветена на великанот прочита гимназијалката Јана Симоновска.
Гоце Делчев е идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење.
Георги Николов Делечев роден на 4 февруари, 1872 во Кукуш, Егејска Македонија како прво машко дете, трето по ред на бројната фамилија Делчеви, која имала вкупно девет деца. Се школувал во Солун и на воената академија во Софија. Како член на ТМОРО, беше наречен апостол на револуцијата. Како голем хуманист, учител и борец, организирајќи ја народноослободителната борба на македонскиот народ, ја обиколил цела Македонија.
Предаден е и убиен 4 мај 1903 во селото Баница. Саркофагот со посмртните останки на Гоце Делчев се наоѓа во дворот на црквата „Св. Спас“ во Скопје.