Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Оградата на дворот на поранешен Монопол на улицата „Страшко Арсовски“ се искривила под притисок на земјата и корени од дрвјата, а од врнежите и снегот дополнително ќе натежне и постои опасност да падне.
„Прашањето е кога, а не дали ќе падне. Ако завее снег и се надои земјата ќе биде многу скоро. А тука е тротоарот, минуваат луѓе, деца за на училиште, искрено се надевам дека нема да се случи некоја трагедија“, реагира К. М. кој се обрати до нашата редакција.
Од Општина Куманово велат дека тие не се надлежни за решавање на проблемот, бидејќи се работи за државен имеот.
Од Секторот за инспекциски надзор водела постапка по ова прашање и пред повеќе од 18 месеци испратиле допис до Владата, која е мнозински сопственик по катастарските податоци. Тоа покажува дека проблемот не е нов и дека и досега било реагирано, но ништо не е преземено.
Секторот за комунални работи не е информиран дека оградата може да падне, и тврдат дека немаат надлежност над државен имот. И од Секторот за урбанизам, пак, тврдат дека немаат ингеренции над овој објект.
Додека се префрла одговорноста за оградата, минувачите имаат избор или да одат на сред улица или да поминуваат под оградата на сопствен ризик, и да се надеваат дека нема да се случи најлошото.