Општина Куманово годинава нема да додели Ноемвриски награди поради неконституиран Совет
Општина Куманово оваа година нема да го додели највисокото општинско признание – „11 Ноември“, поради тоа што сè уште не е конституиран новиот Совет и не е формирана Комисијата за одбележување на празници, манифестации и доделување на награди и признанија, која одлучува за добитниците.
(Од доделување на наградата во 2022 година на свечената седница во Центарот за култура во Куманово )
„Оваа година нема да се доделат Ноемвриските награди затоа што бевме во изборен процес, а советниците сè уште не ги добиле уверенијата. Наместо тоа, градоначалникот ќе додели благодарници на истакнати личности од градот,“ изјави раководителот на Секторот за култура, Александар Крстевски.
За Ноемвриската награда годинава биле предложени 13 кандидати – 7 физички и 6 правни лица.
Слична ситуација имаше и во 2017 година, кога Општината, исто така поради изборите, не го додели највисокото признание.
Општина Куманово го објави повикот за пријавување кандидати за доделување на Ноемвриската награда на 1 октомври 2025 година.
Наградата се доделува на истакнати поединци, претпријатија, организации, здруженија и заедници кои имаат постигнато значајни резултати во работењето и делувањето во областа на стопанството и вонстопанските дејности, во текот на едногодишен или повеќегодишен период.
Наградите за физички лица се парични, додека на правни лица се само со плакета. Наградите се врачуваат на свечена седница по повод Денот на ослободување на Куманово - 11 Ноември.

