Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Општина Куманово ќе аплицира со 11 проекти на вториот владиниот повик за финасирање на инфраструктурни проекти во локалните самоуправи, финансиран со парите од унгарскиот кредит.
(Новата градинска е планирана на локација во Зелен рид и ќе биде со капацитет за 300 дечиња)
Во моментот комплетна документација е подготвена за 5 проекти, а за останатите ќе се аплицира како ќе се докомплетираат планираните проекти.
Повикот е отворен во два дела, едниот од 15 февруари до 15 март, вториот од 15 март до 15 април.
„Веруваме дека ќе се запази предвидениот законски рок и навреме ќе аплицираме со сите проекти кои ги планираме и посакуваме да се остварат. Проценетата вредност е 814 милиони денари (13,2 милиони евра) , а како најголем се издвојува градењето на нова детска градинка, со проектиран капацитет од 300 деца. Имаме одобрен Урбанистички проект, а негова реализација би значело анулирање на моменталниот недостиг на слободни места и листата на чекање за запишување на дечињата“, појасни Лидија Ланг Спасовска, раководителка на Сектор за комунални работи.
Градинката е планирана да се изгради во населбата Гоце Делчев, поточно Зелен рид, во близина на патот за Доброшане.
Меѓу другите проекти се издвојува реконструкција на улицата „Индустриска“ која е во очајна состојба, полна со дупки и без потребната комунална инфраструктура. На фирмите кои работат на најстарата бизнис зона улицата „Индустриска“ им е единствената врска кон градот и автопатот, но е со оштетен асфалт, дупки по коловозот, без тротоар и атмосферска канализација.
Во населбата Гладно Поље, планирана е изградба на улиците 716, 717, 719, 725, 723, 722, како и реконструкција на број 715. Жителите на тој дел од градот во неколку наврати реагираа дека немаат елементарни услови за живот, атмосферска канализација, пристоен пат и улично осветлување.
Планирана е и реконструкција на мостот на реката Пчиња, во истоиментото село. Пред две години беше прогласен за небезбеден за движење, поради искривен столб, но месното население нема алтернатива- тоа е единствената артерија која го поврзува напола поделеното село и точка од која можат да стигнат до градот.
Во план е и изградба на улицата 425 во Ајдучка чешма, изградба на улица АВНОЈ со 4 крака на Зелен рид, реконструкција на дел од улицата 600 до Кумановската бања, изградба на гасоводна мрежа за Индустриската зона Карпош, реконструкција на дел од Домот за стари лица „Зафир Сајто“.
За завршување на капиталниот проект- реконструкција и реновирање на спортската сала ќе се аплицира со два проекти. Едниот е спроведување на фаза електрика и партерно уредување, вториот изградба на систем за греење и ладење во салата.
Колку од овие проекти ќе бидат одобрени ќе одлучат комисиите во министерствата.
На првиот повик се конкурираше за изградба на инфраструктура во Индустриската зона Речица, реконструкција и изградба на атмосферска канализација на улица Бајрам Шабани и проширување на гасоводната мрежа кон индустриките капацитети во Доброшане. Веќе два од договорите се потпишани со изведувачите, наскоро ќе започнат работите во Речица и на Бајрам Шабани.