Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Програмите на Oпштина Куманово од областа на комуналните дејности за минатата 2024 година е извршена со само 43 проценти. Од предвидените 600 милиони денари инвестирани се само 240 милиони.
Тоа значи дека капитални инвестиции за подобрување на водоводната, канализационата, сообраќајната инфраструктура, кои биле планирани не се спроведени.
Оценка на опозицијата е дека локалната власт нема со што да се пофали затоа што ништо не е направено, проектите кои се започнуваат најчесто се одолговлекуваат, не се завршуваат во разумен временски рок, а изведувањето на работите е со лош квалитет.
„За фекална канализација има некоја смешна инвестиција од 4 милиони денари, за водоводна мрежа 2 милиони, атмосферска канализација нула денари. Ако погледнеме наназад во 2023 година процентот на реализација ви е 38 проценти, за минатата е нешто подобра 43 посто. Дали станува збор за неискуство, неукост, лошо менаџирање, јас стварно не знам, зошто развојната програма не е реализирана во целост. Ова е срамен извештај за кој јас нема да гласам, не ја гласав ни програмата за ова година, затоа што е штура и празна“, истакна советникот Благојче Јаќимовиќ од НСДП.
Тој забележа дека се креира програма и се вложуваат пари без разумен и логичен след, а како пример е спомната улицата „Димитар Влахов“ која три пати е асфалтирана, без ниту еднаш да се смени водоводно- канализациската и останата подземна инфраструктура.
Според опозицијата, фрапантно е што во Куманово, каде постои голем проблем со состојбата на сообраќајниците ништо не се презема. Како пример беа посочени улиците „11 Октомври“, „Доне Божинов“ (од Спомен Костурницата до Сателит), „Гоце Делчев“, „Моша Пијаде“, тротоарите на булеварите „3 МУБ“ и „Октомвриска револуција“.
„Ние како општина немаме капацитет за ништо, немаме реализирано ништо, ниту, пак, да исконтролираме како се трошат парите. Ниту се планира развој, сите пари што се потрошени се како фрлени во бунар и се директна штета по граѓаните“, констатираше Миле Андоновски од Партијата на пензионерите.
Наплата на даноците во Куманово е 91 проценти, но за сметка на тоа граѓаните бараат бенефит за нивните пари- да имаат вода, фекална и атмосферска канализација, сообраќајници, јавно осветлување, чисти површини, работи кои не се испорачани.
За дискусија не се јави ниту еден советник од коалицијата на ЗНАМ, ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата, Алтернатива и Алијанса на Албанците и движењето Беса, да ја брани програмата.