×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Општина Куманово потроши 20.000 евра за два дена новогодишна програма

    14.01.2025 14:11 | Сузана Николиќ

    Околу 20.000 евра чини празничната програма  на Општина Куманово  за новогодишните празници, која се одржа на 27 и 28 декември минатата година. 

    Општина Куманово потроши 20.000 евра за два дена новогодишна програма

    Половина од средствата се потрошени за хонорари на музичарите за концертот на градскиот плоштад,   а останатото за другите активности и техничка подготовка. Новогодишната програма ја спроведува Фондацијата за култура и спорт Куманово, по одобрени  средства од Секторот за култура во Општина Куманово.

    „Во Програмата за културни манифестации на Општина Куманово, според која што работи Фондацијата за култура и спорт “Куманово” беа предвидени 1.124.000 денари.  За музичката програма, конкретно беа потрошени 614.000 денари. Додека, за останатите активности, во вид на културно-уметничка програма 310.000 денари, 200.000 денари беа потрошени за тековни трошоци при реализација на самите случувања. Почнувајќи од дизајн на пропаганден материјал, преку угостителски услуги и исполнување на рајдер листи, бинска опрема, вонредно физичко обезбедување, како и обврска кон здружение за заштита на музички авторски права“, вели Марио Арангеловски, в.д. директор на Фондацијата за култура и спорт „Куманово“.

    Концертот на Градскиот плоштад во Куманово се одржа во сабота на 28. декември од 18 часот до 21 часот, а настапија  дуото “Дупер” , групата “Tин камп”  и рап пејачот Тајзи.

    За едночасовниот наспат на  “Tин камп” се исплатени 4.000 евра, на Тајзи 3.000 евра и на “Дупер” 2.000 евра .  Посетители велат дека на концертот биле исклучиво тинејџери и деца, а посетеноста била слаба поради тоа што било многу  студено, но и поради недоволната промоција. Најголем интерес имало за настапот на Тајзи.

    Истиот ден на Градскиот плоштад во 16 часот се одржа новогодишен перформанс на Дарко Ѓурчиновски, жонглер и аниматор, а во 17:00 часот пристигна Дедо Мраз.

    На 27.  декември во просториите на Занаетчиски дом во Куманово се играше детската претстава “Ех да може во зима, сладолед да има”, во режија на “Балада продукција” од Прилеп, наменета за деца од 3 до 9 години, а вечерта беше новогодишен концерт на оперскиот пејач Дарко Тодоровски.

    „Општина Куманово со години на назад не организира музички концерт во очи новата година, но, исто така, во континуитет организира предновогодишна програма за деца и млади, а годинава, по тој повод, за прв пат беа предвидени малку повеќе финансиски средства од вообичаеното, па, соодветно на нив, беше успешно реализирана богата културна-уметничка програма“,  смета Арангеловски. 

    На 30. и 31. декември, како што беше традиција пред смената на локалната власт, и како што имаше прослави во другите градови во државата, во Куманово немаше никава организирана активност или настан, па не се ни чувствуваше новогодишната атмосфера.

    Новогодишната прослава во Куманово последните години е во сенка на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Куманово – 11 Ноември, кога се организираат повеќе настани и прославата завршува со  голем концерт на Градскиот плоштад. Оваа година настапија над 20 изведувачи на забавна и народна музика, а за 3,5 часовниот концерт беа исплатени 30.000 евра за хонорари. Тогаш пееја: Владо Јаневски, ДНК, Тамара Тодевска, Ламбе Алабаковски, Антониа Гиговска, 2 Бона, Слаткаристика, ИвонаЈо, Наум Петрески,  Маргица Антевска, Пајак, Марио Арангеловски, Куку Леле, Мартија Станојковиќ, Лука Чомбе, Миле Кузмановски, Нино Величковски, Лара Иванова, Мартинијан Кириловски и Шпенд Латифи, водител бше Стефан Лазаров, „Фис бенд“ и диџеј Боно. Тогаш од Фондацијата не кажаа кој колкав хонорар добил, под изговор дека е деловна тајна.

    Општина Куманово оваа година новогодишното украсување  ја чинеше близу 3 милиони денари или 50.000 евра, што значи дека заедно со двата концерти, за два месеци се потрошени 100.000 евра од општинскиот буџет.