Мени

Печалбарите со протест го искажаа незадоволството од Советот

12.03.2026 14:10 | Сузана Николиќ

Поранешните вработени во американските бази во Ирак и Авганистан, сега членови на здружението „Правда за сите“, денеска протестираа пред зградата на „Комитет“ додека траеше седницата на Советот на Општина Куманово.

Печалбарите со протест го искажаа незадоволството од Советот

Тие се незадоволни што не била прифатена иницијативата кумановските пратеници да побараат толкување на спорниот член  5 од Законот за даноци и такси.

„Имаше опструкција. Барањето прво помина на гласање со 13 гласа ‘за’ и 11 ‘против’, но претседателката го поништи гласањето со образложение дека еден советник не гласал. На повтореното, поединечно гласање, мнозинството советници ја покажаа својата ‘поддршка’ кон нас и гласаа против – со 17 гласа. Тоа е целото мнозинство што го имаат во Советот. Им благодарам на нивната ‘поддршка’ што не удираа по рамо“, изјави Жикица Миланов, од протестот.

Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, вели дека Советот, согласно своите надлежности, ги сослушал барањата на поранешните вработени и едногласно донел препораки. Во однос на забелешките за гласањето на дополнителниот предлог, таа појасни дека тие можат сами да поднесат барање до пратениците, без посредување на Општината.

„Петтата препорака не беше прифатена затоа што не беше договорена на координација. Уште на самата седница кажавме дека сите пратеници се запознаени и дека тие можат директно да им го достават барањето. Единствено пратениците имаат право да поднесат вакво барање. Укинувањето на даноци и такси не е во надлежност на Советот. Одлучивме да поразговараме за нивниот проблем, но и покрај нашите заложби да им излеземе во пресрет, тие доаѓаат тука и протестираат, политички инструирани“, изјави Ѓорѓиевска.

Поради бучавата Советот ја прекина сеницата додека траеше протестот.

Советот на Општина Куманово на минатата седница едногласно ги усвои препораките до Управата за јавни приходи (УЈП), за решавање на проблемот со ретроактивното оданочување на граѓаните кои работеле во високоризични и воени зони во Ирак и Авганистан. Советниците и од власта и од опозицијата се согласија дека треба да се најде правично решение во интерес на сите граѓани.

„Во препораките се бара воспоставување соработка со странските институции и компании каде што работеле македонските државјани, со цел да се обезбедат точни и сигурни податоци што ќе овозможат правично утврдување на евентуалната даночна обврска. Исто така, се бара проверка на постојните меѓународни договори за да се утврди дали постојат основи за евентуални даночни ослободувања или за спречување на двојно оданочување. Понатаму, да се обезбеди навремено и континуирано информирање на граѓаните за утврдените факти. Доколку се утврди даночна обврска, да се обезбеди разумен рок за плаќање на данокот, вклучително и можност за отплата на рати, без пресметување камата, имајќи го предвид долгиот период од настанувањето на даночната обврска. Советот им препорачува на сите засегнати граѓани да ги искористат сите законски можности за заштита на нивните права, доколку сметаат дека се оштетени“, изјави тогаш претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Донесувањето на овие препораки уследи откако печалбарите побараа од Советот поддршка за остварување на нивните права, по што нивниот проблем се најде на дневен ред на седница на Советот.

Советниците од опозицијата предложија кумановските пратеници да поднесат иницијатива за толкување на член 5 од Законот за персонален данок на доход и да се донесе заклучок – правен акт со кој печалбарите би се ослободиле од плаќање данок, но овој предлог не беше прифатен од мнозинството.

Тие најавија дека ќе продолжат со протестите се до исполнување на нивните барања.