Подрачното училиште во Тромеѓа нема да се затвори, велат од ООУ „Христијан Карпош“
Раководството на ООУ „Христијан Карпош“ од Куманово ги отфрла наводите што деновиве се споделуваат во јавноста дека подрачното училиште во село Тромеѓа ќе биде затворено.
Од училиштето велат дека ја разбираат загриженоста на локалното население, но нагласуваат дека не постои намера за згаснување на училиштето, туку напротив – се бараат решенија за негов опстанок и понатамошен развој.
„Подрачното училиште во село Тромеѓа нема да се затвори. Нашата цел во ниту еден момент не е згаснување на овој важен образовен центар, туку изнаоѓање решенија за негов опстанок и развој во време кога сите се соочуваме со предизвикот на намален број ученици во руралните средини, а притоа следејќи го и процесот на оптимизација во основното образование што се спроведува во Република Македонија“, вели директорот на училиштето, Слаѓан Спасовски.
Тој додава дека нивен приоритет останува обезбедувањето безбедна, мирна и квалитетна средина за учење на учениците токму во Тромеѓа.
Воедно, Спасовски вели дека се отворени за соработка со родителите и локалната заедница, нагласувајќи дека само преку заеднички напори може да се зачува и продолжи традицијата на училиштето, кое повеќе од еден век има значајна улога во образованието на жителите од овој крај.