Полицијата и инспекцијата да го спречат палењето на гуми и смет кое не труе со години, бараат жители од „Панче Пешев“
Педесетина жители на урбаната заедница „Панче Пешев“ во Куманово синоќа излегоа на протест и побараа од локалната власт да го спречи загадувањето на воздухот кое го предизвикуваат нивните соседи од другата страна реката од населбите Средорек, Бавчи и Стари Лозја и Перо Чичо.

Тие се пожалија дека со години наназад се душат во чад и нивното здравје е загрозено затоа што надлежните не си ја вршат работата и не ги санкционираат несовесни граѓани, кои палат гуми, пластика и смет од дивите депонии кои се создадени во овие населби и по течението на реката Кумановка.
„Не можеме прозор да отвориме ни во лето ни во зима, не можеме децата да ги изведеме надвор од загаденост. Овде постојано лежи облак од дим. Ние ги гледаме од прозор додека палат се јавуваме во полиција и во инспекција ама никој не презема ништо. Надлежните си ја префрлаат одговорноста и никако да го решат проблемот. Затоа денеска се собравме за да ги потсетиме да си ја вршат работата, бидејќи ние не сме должни да трпиме и да ги слушаме нивните оправдувањата дека ова е проблем кој не може да се реши“, кажа Бобан Петрински, жител на населбата.
Жителите се договорија листата со барања да ја достават до Општина Куманово и да и дадат рок од 15 дена да го реши проблемот, во спротивно ќе организираат блокада на булеварот „Октомвриска револуција“.
Поради проблемите со пожарите и загадувањето на Куманово, кои минатата недела беа алармантни заседаваше и Општинскиот штаб за заштита и спасување најави. Притоа беше договорено да се исчисти ѓубрето од дивите депонии и да се постават контејнери на критичните места во Бавчи, Стари Лозја, Багрем бања Средорек и на влез во населба Перо Чичо. Комуналната инспекција во соработка со СВР Куманово да ги откријат граѓаните кои фрлаат и палат отпад, како и да се воводе позорникарски служби во попладневните часови на посочените локации.
Вчера додека траше протестот повторно беше запалено ѓубре на една од депониите. Пожарите потоа се шират на сувата трева и постои опасност да ги зафати и куќите.
Дел од урбаната заедница „Панче Пешев“ која се протега долж булеварот „Октомвриска револуција“ и реката Кумановка, е урбанизирана во 1980-години и една од ретките населби во градот која покрај стамбените згради има паркинг простор, паркови и зеленило. Но населбата се наоѓа во очајна состојба затоа што не се одржува, и локалната власт нема слух за барањата на граѓаните да се уреди и оплемени овој простор. Да се искосат и уредат парковите, да се постави урбана опрема.
„Гледате ли колку е валкано и запуштено. Парковите не се искосени, змии ќе не изедат, дрвјата неискастрени. Од бучава не се спие ни дење ни ноќе. Бараме локалната власт да го уреди овој дел од градот како доликува, бидејќи плаќаме најскап данок во градот“, велат жителите.
Од другата страна на реката се наоѓаат населбите Средорек и Бавчи, дивоградби покрај речните корита на место кое треба да зеленило до вливот на двете реки.