Поради надградба на системот, апликацијата „Мој ДДВ“ ќе биде привремено недостапна
Управата за јавни приходи (УЈП) ги информира граѓаните дека апликацијата „МојДДВ“ привремено ќе биде недостапна поради планирани технички активности и надградба на системот.
Според официјалното соопштение, прекинот ќе започне денеска( 23 јуни) во 12:00 часот, кога ќе стартува процесот на миграција на системот кон нова ИТ инфраструктура.
Од УЈП посочуваат дека надградбата е дел од активностите за подобрување на безбедноста, стабилноста и достапноста на услугата за корисниците. Во текот на овој период граѓаните нема да можат да ја користат апликацијата за скенирање фискални сметки.
Надлежните најавуваат дека „МојДДВ“ повторно ќе биде ставена во функција веднаш по завршувањето на техничките активности и успешното префрлање на системот.
Од Управата за јавни приходи апелираат до корисниците за разбирање и трпение додека трае процесот на модернизација, кој треба да овозможи поефикасно и посигурно функционирање на апликацијата во иднина.