Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Новоизградениот систем за водоснабдување на улица „Никола Тесла“ се уште не е ставен во употреба, и по една година од завршувањето на проектот.
Поради одредени технички недостатоци жителите во своите домови добиваат од старите цевки поставени кон средината на минатиот век.
„Системот за водоснабдување се уште не е предаден во владение на ЈП „Водовод“ Куманово, знам дека има одредени технички недостатоци. Тоа е во комплетна надлежност на Министерството за транспорт и врски (МТВ), надзорот е нивен, но работат на тоа, во целост да се стави во функција. Засега во активна употреба е само дел од системот“, посочи градоначалникот Максим Димитриевски.
Тој денеска со пратеници и директори на власта, го промовираше почетокот на реконструкцијата на улицата „Никола Тесла“. Притоа нагласи дека и Општина Куманово во соработка со МТВ реинвестирала, односно го изградила, комплетно го реконструирала системот за водоснабдување на улицата.
Од ЈП „Водовод“ потврдуваат дека новата водоводна мрежа има недостатоци за што писмено е известен Секторот за комунални работи и други општински служби.
„Техничките грешки не се отстранети, за што последниот состанок со изведувачот, надзорот и претставници од МТВ го одржавме во четврток, пред празниците. Остануваме во интензивни контакти, за да конечно профункционира мрежата“, кажа Оливер Стојмановски, директор на ЈП „Водовод“.
Тој објасни дека немаат никаква надлежност по ова прашање, но се консултурани како стручна служба која ја познава проблематиката, но и како субјект кој би требало да биде краен корисник.
Во јуни 2023 година започна поставувањето на нова водоводна мрежа на улицата Никола Тесла, со должина од 1939 метри со јазли, 16 хидранти и реконструкција на 91 приклучок. Тоа беше проект на Владата и Министерството за транспорт и врски кои вложија близу 15,4 милиони денари околу 250.000 евра. Општина Куманово одвоји 3,9 милиони денари, односно 62,500 евра, но обезбеди и дозвола за градење и техничка документација за проектот.
Реконструкцијата е завршена во пролет 2024 година, но само делумно е во употреба.