Мени

Поранешните вработени во Ирак и Авганистан утре ќе се сретнат со директорката на УЈП

29.01.2026 19:03 | Сузана Николиќ

Поранешните вработени во американските бази во Ирак и Авганистан, кои протестираат против ретроактивното оданочување, утре ќе се сретнат со директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Елена Петрова, за лично да ја запознаат со нивните проблеми.

Поранешните вработени во Ирак и Авганистан утре ќе се сретнат со директорката на УЈП

„Шест наши претставници утре ќе имаат средба со директорката Петрова. Ќе ги повториме нашите барања – да се сторнираат и стопираат решенијата, да се прифатат доказите со кои располагаме и да се утврди одговорност во УЈП за непостапувањето, бидејќи ние не сме виновни за направените пропусти“, изјави Зоран Наковски.

Печалбарите вчера се сретнале со претседателката на Советот на Општина Куманово и со координаторите на советничките групи, при што побарале нивниот проблем да се најде на дневен ред на седница на Советот. Кога таа ќе се одржи, ќе зависи од исходот на средбата со претставниците на УЈП.

На вчерашниот состанок било побарано и писмена поддршка од координаторите во однос на нивните барања, за што советниците ќе се изјаснат на наредната средба.

„Со тоа ќе покажат дека навистина нè поддржуваат. Тие потписи ќе бидат гаранција дека нашите протести не се политички мотивирани и дека советничките групи не собираат евтини политички поени. На сите досегашни протести јасно кажуваме дека бараме правни решенија, а не политички“, порачаа граѓаните.