Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Црквата „Пресвета Богородица“ во липковскот село Матејче, по кој знае која пат, повторно е мета на уништување.
Непознати сторители овојпат го прекопале подот на црквата, а извадиле и дел од оловниот лим кој остана на кровот на централната купола на манастирската црква.
За оштеувањето на вредното културно и црковно наследство информираше Кумановско-Осоговската епархија, преку социјалните мрежи, откако вчера член на црковниот одбор во Матејче бил во црквата.
„Како сопственици на заштитено културно добро, ја известуваме јавноста дека манастирот Пресвета Богородица, с. Матејче, Општина Липково, од страна на непознат сторител е извршен неовластен упад во црковен имот. Извршено е провалување во затворените простории на манастирската црква. Копано е на подот на манастирската црква, ископана е голема количина на земја, при што се извадени и осквернавени посмртните останки на порано погребани лица на ова место. Исто така, причинета е значителна материјална штета и кражба на оловен лим од централната купола на манастирската црква“, велат од еапрхијата во соопштението.
Случајот денеска бил пријавен во Кумановската полиција.
„Во манастирот во село Матејче, општина Липково, било влезено со употреба на сила, била оштетена црквата и биле одземени повеќе предмети. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од СВР Куманово.
Црквата во Матејче беше прогласена за културно наследство во опасност.
Кон крајот на минатата година директорката на Националниот конзерваторски центар Цветанка Хаџи-Пецова најави дека кровот на манастирската црква во Матејче ќе се покрива со византиски тип на ќерамиди, откако биле украдени оловните плочи од кровната површина и на првата платформа над вратите неколку години претходно.
„Матејче беше предмет на вандализам, пред неколку години кога беше украден оловниот покрив, предходно имаше превентивно покривање на куполните површини со хидроизолационен материјал. Овде не е проблем само со покривањето на црквата, туку функционалноста на целиот комплекс, физички е деградиран, односно не е ревитализиран, нема функција, осамен е во планината и исклучен е од секаков вид активност. Во најкраток период ќе се изработи проект за препокривање со византиски тип ќерамиди на целата површина, а предвидена е и реализација“, истакна пред 2,5 месеци Хаџи- Пецова.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче е изградена во 1362, а нејзин ктитор е цар Душан. Таа во себе го содржи најголемиот насликан ансамбл од 14. век на македонската територија и е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва и ремек-дело на дворскиот стил, карактеристичен за епохата на Палеолозите.
За време на воениот конфликт 2001 година во неа беше сместен штаб на УЧК, а детското одморалиште и конаците беа целосно уништени и запалени.