Приведен навивач кој се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина на натпреварот во Куманово
Кумановската полиција привела навивач, кој на полувреме на натпреварот Македонија - Романија, во салата се обидел да внесе транспраент со навредлива содржина.

„Денеска, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода С.М. (30) од Куманово, кој се сомничи дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина. По целосно расчистување на случајот против него ќе следи соодветен поднесок“, објави МВР.
Оттаму додаваат дека веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки против инволвираните лица, вклучително и кривични постапки.
Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски клубови, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.
„Во тој контекст, МВР уште еднаш нагласува дека во рамки на обезбедувањето на мирни и непречени спортски натпревари, полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања врз база на национална, етничка или верска припадност и тоа ќе биде најстрого санкционирано, без никаква толеранција. Само спортското фер навивање и бодрење може да ни донесе успеси, победи и спортски радости“, стои во соопштението.
Основното јавно обвинителство од Куманово отвори постапка и му издаде насоки на СВР Куманово за истражување на елементи на кривично дело поврзано со скандирања со говор на омраза од страна на непознати лица.
Инцидентот се случи за време на кошаркарскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија, одигран на 2 август во Куманово.
Натпреварот беше прв од квалификацискиот циклус за Светското првенство во 2027 година, а со овој спортски настан беше свечено пуштена во употреба реконструираната спортска сала во Куманово.
На натпреварот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, со повеќе министри и државни функционери, а домаќин им беше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.