Мени

Промовирана стихозбирката „Не е лесно да си дете“ од Весна Бојковска

19.06.2026 15:58 | Стефан Николиќ

Во Занаетчискиот дом во Куманово синоќа беше промовирана стихозбирката за деца „Не е лесно да си дете“ од кумановската авторка Весна Бојковска, одделенски наставник во ООУ „11 Октомври“.

 

Промовирана стихозбирката „Не е лесно да си дете“ од Весна Бојковска

Пред бројната публика беа прочитани стихови посветени на детството, детските радости, игри и фантазии, но и на бројните мали и големи предизвици со кои децата се соочуваат додека растат. Дел од песните објавени во збирката претходно беа изведени на фестивалите за детска песна „Распеано детство“ и „Распеано симитче“.

„Читајте, сонувајте, фантазирајте, но никогаш немојте да престанете во срцето да бидете деца. Разберете ги децата, затоа што и тие поминуваат низ многу мали и големи препреки, иако често сметаме дека детството е најбезгрижниот период од животот“, порача авторката на децата и родителите.

Стихозбирката „Не е лесно да си дете“ го освои првото место на конкурсот што го распиша издавачката куќа „Дата песнопој“ од Битола, при што ја доби и наградата „Пелистерски ракувања“.

Бојковска им се заблагодари на композиторот Игор Трајковски и на промоторката на книгата Ружица Денковска за нивната поддршка, а воедно најави и нови книжевни проекти – нова стихозбирка за деца и збирка раскази со наслов „Дуња“, која, како што рече, ќе биде женска верзија на „Зоки Поки“.